1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија ги дочека своите спортски херои

Македонија им приреди величествен дочек на своите спортски херои. Кошаркарската репрезентација претпладнево се врати од Литванија. Без медал, но со ореол на победници!

default

Десетици илјади граѓани ги поздравија македонските кошаркари на плоштадот Македонија во Скопје и на целиот пат од аеродромот до центарот на главниот град. Во амбиентот сличен со оној  во изминатите денови во кој се следеше македонскиот победнички пат. Денови во кои се ковеше еден од најголемите спортски подвизи.

Македонската  кочија се крена исклучително високо на европското кошаркарско небо, до 4-то место. Само мали нијанси ја делеа од место на медал-пиедесталот. Бронзениот медал ќе беше блескава сатисфакција за извонредниот учинок. Македонската јавност воздивнува за пропуштеното, но не жали. Горда е на своите спортисти. Бидејќи, светската спортска јавност и натаму со восхит го коментира сензационалниот македонски подвиг, победите над кошаркарските великани Литванија, Грција, Хрватска...

Настап над сите очекувања

Еден од основополжниците на македонската кошарка, Драгољуб Лазов вака го коментира настапот на Македонската репрезентација:

„Верувајте многу време сум во коашарката. Но, сепак не можев да претпоставам дека нашите можат да играат таква улога и дека ќе го  направат целото првенство толку убаво. Мислам дека Македонија не е хит само поради резултатите, туку е хит затоа што одигра и надигра големи екипи. Двата порази од Русија беа несреќни, за жал едниот беше пресуден  кога се одлучуваше за бронзениот медал.“

Александар Тодоров, еден од најдобрите млади македонски тренери, исто така е полн со позитивни импресии:

„Постигнавме фантастичен успех, досега незабележан во историјата на македонскиот спорт. Успех, кој во дегледно време ќе биде тешко достижен! Успехот дојде сосема неочекувано, но е реален.“

Flash-Galerie Eurobasket 2011 Viertelfinalespiel Mazedonien Litauen

Најголема сензација на првенството беше победата над Литванија

Успех темелен врз компактност и без комплекси

И Лазов и Тодоров се еднодушни дека силата на македонскиот состав беше во компактноста.

„Јас мислам дека имаше страшна компактност и исклучителна соработка меѓу играчите на теренот и стручниот штаб, особено со Докузовски. Очигледно беше дека имаат иста желба, иста цел и дека кон таа желба со подеднаков ентузијазам се носат“, вели Драгољуб Лазов.

Александар Тодоров: „Исчезна оној комплекс од пониска вредност, кој го имаат сите наши спортисти, а голема беше самодовербата со која играчите влегуваа во натпреварите. Тоа беше можеби клучната работа, која  успеа да им ја всади Марин Докузовски, заедно со одлично поставената игра во одбрана“.

Мекејлеб, инспиративен лидер

Eurobasket 2011 Viertelfinalespiel Mazedonien Litauen

Бо Мекејлеб беше вистински лидер на тимот

Антиќ, Илиевски, Самарџиски, Гечевски, Чековски, браќата Стојановски... беа најекспонираниот дел од селекцијата. Воодушевија, но сепак Бо Мекејлеб беше инспиративниот лидер на македонскиот тим. Неговата тага, неговите солзи по поразот од Шпанија, го илустрираат  односот и безрезервното чувство за припадност кон дресот што го носи. Круна на неговата виртуозност под кошевите е титулата најдобар стрелец и член на „ол-стар“ тимот на шампионатот покрај Французинот Паркер, Русинот Кириленко и Шпанците Наваро и Пау Гасол.

Бо Мекејлеб е најдобрата можна македонска спортска  инвестиција! Инвестиција за иднината! А, најблиската иднина за македонската селекција се обезбедените квалификации за Олимпијадата во Лондон во 2012-та и директното учество на наредниот Евробаскет во 2013-та во Словенија. 

Автор: Златко Калински

Редактор: Борис Георгиевски

DW.COM