1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија: Во 2013. откриени 15 жртви на трговија со луѓе

Годишниот извештај за борба против трговијата со луѓе во Македонија, презентиран денеска (22.02) во Скопје, покажува дека државата останува земја на потекло, транзит и дестинација на жртвите на трговија со луѓе.

Во Македонија минатата година се откриени 15 жртви на трговија на луѓе, сите од женски пол. Од нив, девет се малолетни и шест полнолетни.

Меѓу жртвите кои се македонски државјани, најголем дел се малолетни и најчесто потекнуваат од дисфункционални семејства од Гостивар, Тетово, Гевгелија, Куманово и Скопје.

„Најчесто се работи за лица од 13 до 22 години со средно, основно или без никакво образование. Тие најчесто се од македонска, албанска или ромска националност и речиси по правило потекнуваат од дисфункционални семејства со разведени родители кај кои е присутна некоја од социопатолошките појави, истакна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на денешната презентација на Годишниот извештај.

Mazedonische Innenministerin Gordana Jankuloska

Македонската министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска

Врз жртвите е вршена сексуална, трудова или друг вид експлоатација главно во угостителски објекти во Полошкиот регион, а трговците на трговија со луѓе најчесто се обидувале дел од стекнатата заработка да ја искористат за корупција на вработени во државните институции со цел да обезбедат непречено функционирање на нивниот криминал.

Јанкуловска информира дека се поднесени кривични пријави против осум лица, од кои двајца полициски службеници и оти судот постапил по 54 предмети, при што се обвинети 85 лица. Од нив, на 82-ца им е изречена казна затвор од шест до 10 години, а двајца се условно казнети.

Идентификувани се и 82 потенцијални жртви кои потекнуваат од социјално ризични категории.

Минатата година од страна на стручните институции обезбедено е сместување и стручна помош за девет жртви на трговија, а за четири добиени се барања за отштета во износ од по 400 илјади денари.

Јанкуловска најави дека ќе продолжи унапредувањето на механизмите за борба против овој облик на криминал.

„Во изминатиот период Владата направи значајни напори во зајакнувањето на механизмите за борба против трговијата со луѓе“, рече Јанкуловска, додавајќи дека потврда за тоа е последниот извештај на Стејт Департментот, во кој Македонија меѓу 188 држави од светот е рангирана во групата земји кои целосно и успешно ги спроведуваат стандардите за борба против овој тежок облик на криминал.