1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Македонија во јуни - петта на листата на баратели на азил

Во јуни 421 македонски државјани побарале азил во Германија, со што Македонија се искачи од седмото на петтото место на списокот на десетте земји чии граѓани сакаат подобар живот во Германија.

Нагорниот тренд на баратели на азил во Германија продолжи и во јуни. Според Сојузната служба за миграции и статистиката на Сојузното министерство за внатрешни работи во јуни во Германија азил побарале 8.408 лица, што е за 12,5 проценти повеќе од претходниот месец, но повеќе од двојно (4.507 лица) од истиот период минатата година. Видливо зголемен е и бројот баратели на азил од Македонија. Во споредба со мај, кога подобар живот во Германија побарале 280 македонски државјани, минатиот месец (јуни) бројот се искачил на 421, со што Македонија „скокнала“ од седмото на петтото место на листата од десетте земји, чии граѓани се најчести баратели на азил. Пред Македонија се Руската Федерација, Сирија, Авганистан и Србија, а по Македонија следуваат Пакистан, Иран, Сомалија, Ирак и Косово.

Инаку, во текот на шестте месеци од календарската 2013 година во Германија биле поднесени вкупно 43.016 барања за азил, а надлежната Сојузна служба за миграции одлучила по 31.191 предмет. Интересно е што азил им’ е доделен на 15,3 проценти од барателите (4.779), а останатите, меѓу кои се и македонските државјани, се одбиени. Во полугодишниот пресек за земјите на потекло на лицата кои барат азил во Германија, Македонија со вкупно 1.431 барање се наоѓа на осмото место пред Сомалија (1.180)  и Грузија (1.068), а на чело на „десетката“ се подносителите од Руската Федерација (9.957), Сирија (4.517), Авганистан (3.448), Србија (2.682), Иран (2.293) и Пакистан (1.728).