1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија во повеќе наврати покажа голема зрелост

Пратеничката на германскиот парламент, Ута Цапф, очекува македонската влада да покаже решителност во однос на зебелешките од извештајот на Европската комисија и да стори се’ за следниот да биде подобар.

default

Пратеничката од редовите на германската Социјалдемократска партија, Ута Цапф

Госпоѓо Цапф, можете ли да ни дадете Ваша проценка за европските перспективи на Македонија по последниот извештај за напредокот на Европската комисија?

Верувам дека овој извештај ги набројува најважните точки, каде навистина треба да се преземат натамошни реформски напори. Не сметам дека условите што се поставени во извештајот се претерани, бидејќи степенот на отвореност за нови членки во Европа уште повеќе би се намалил ако нема услови за кандидатите.

При тоа за мене посебно значење имаат неколку точки. Прво е прашањето на јавната администрација и начинот како се одбираат луѓето кои ќе работат во неа. Познато ни е и од други земји што се наоѓаат во транзиција дека непотизмот и менувањето на персоналот во цели министерства по смената на власта претставуваат огромна пречка. Втора точка е создавањето соодветен правосуден систем, на кој може да му верува секој граѓанин. Овие точки се наведени и во извештајот, во кој се нагласува дека има напредок по овие прашања, но исто така дека има и уште многу работа. Понатаму, сметам дека е неопходно да се имплементира комплетно и реформата на полицијата. Полицијата, а посебно спомнатите специјални сили, не се доволно под контрола на демократските институции, како што тоа би требало да биде во една правна држава. Недозволиво е некоја полициска единица да постапува така што ќе и’ држи страна на некоја политичка партија, како што тоа се случуваше на претходните избори. Мислам дека овие точки мора сериозно да се сфатат.

Сметам дека искуствата со други земји каде вакви и слични работи не функционираа ни по приемот, како Бугарија и Романија, треба да не’ поучат да поведеме сметка за сето на време. Тоа е одговорност на премиерот Груевски, кој политичката социјализација не ја добил не знам каде, туку многу добро знае што се западни стандарди и затоа е за жалење што мора да му се префрли дека ги запоставил овие реформи.

Што може Германија да помогне во процесот на спомнатите реформи? Каде и како мислите дека може најмногу да помогне?

Од нашата страна постои можноста да испраќаме експерти за одделни реформи, на пример за правосудниот систем или за јавната администрација. Тоа сигурно може да помогне, особено ако нивните совети наидат на отворени уши. Што уште можеме, тоа е помошта за зајакнување на граѓанското општество, мислам дека на ова поле Фондацијата Фридрих Еберт може посебно многу да помогне. При тоа мора да се води сметка за координирањето на помошта што доаѓа од невладините оргзниации од странство. Ова сега не важи само за Македонија, туку и за другите земји од регионот. Еднаш се обидов да свикам средба на сите организации од невладиниот сектор во Црна Гора, кои спроведуваат некои проекти. Верувале или не, тоа не ми појде од рака!

Она што јас како пратеничка во германскиот парламент, заедно со моите колеги можам да придонесам, тоа е поддршката за пратениците во македонскиот парламент. Ние тоа веќе го правиме, но сметам дека има уште простор за соработка и поддршка за тие да можам уште подобро да ја завршат својата работа.

Во дискусиите на конференцијата посветена на патот на Македонија кон европските интеграции, што се одржа минатата недела во Берлин, се слушна тезата дека курсот на актуелната македонска влада не е комплетно про-европски, туку дека таа смета оти Македонија може и без Европа. Дали го сметате ова тврдење на еден од македонските учесници на конференцијата за веродостојно или сметате дека станува повеќе збор за провокација на македонската опозиција?

Мислам дека има нешто во таа теза. Секако дека не можам до детал да проценам дали е така, но објаснувањето што колегата од Македонија го даде за тој националистички обоен став не ми звучи нереално. Ако помислам на заострувањето на спорот околу името, што дојде од за мене потполно неразбирливи причини, ако помислам на повикувањето на античкото наследство - тоа сето не упатува на фактот дека премиерот Груевски нема намера да ги примени принципите што би биле неопходни во таква влада. Се сеќавам дека на една конференција пред две години тој порача дека посебно внимание ќе и’ посвети на економијата, на економскиот развој. Тоа што економскиот развој се’ на се’ позитивно се одвиваше, можеби го направи малку надмен, па си помисли: е па, можеме ние и сами сето тоа да го сработиме и затоа не морам да исполнам одредени услови.

Но, тоа не е концепт што може да го издржи тестот на иднината. Ако меѓународната економска криза ја вовлече во својот вител и Македонија, тогаш земја како неа ќе биде сигурно упатена на европска солидарност. Сметам дека тоа на премиерот треба да му биде јасно!

Како ја проценувате во овој контекст тужбата на Македонија пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг?

Тоа е средство Македонија да добие од највисоката инстанца благослов за сопствените амбиции. Мене би ми било подраго кога земјата би се сконцентрирала на уште поинтензивно барање компромиси. На ова место меѓутоа морам да кажам исто така дека Грција е толку тврдоглава, што тоа не можам го разберам. Ваквиот развој на настаните води кон успорување на натамошниот пат на Македонија кон ЕУ и НАТО. Тоа не го разбирам, затоа што инаку односите на Грција со Македонија се добри, мислам посебно на економските, и затоа не ми е јасно како може Грција да зеземе така тврдоглава позиција.

Гледате ли било каква можност од аспект на ЕУ или на Германија за вршење влијание врз грчката влада, така што би се зголемила нејзината готовност на компромис?

Јас би одбегнала каков и да е вид на јавен притисок. Мислам дека на некое друго ниво би требало да се отпочне процес на дијалог, што би водел кон тоа двајцата министри за надворешни работи, германскиот и грчкиот конкретно, да седнат зад затворени врати и Франк Валтер Штајнмајер да и’ каже на грчката колешка Дора Бакојани, ајде обидете се поинаку да се поставите по ова прашање.

Веројатно можеме да водиме дијалог по ова прашање и на ниво на парламентарци од двете земји, мислам на Грција и Германија. Јас лично, меѓутоа, немам директни врски со Грција, тоа не спаѓа во моето подрачје. Само знам од поранешни средби со грчки пратеници дека беа многу тврдоглави и темпераментни. Сакам да кажам дека таквиот дијалог сигурно нема да биде лесен и едноставен. Тоа можеше да се види и на други прашања, како на пример кипарското.

Како ја проценувате позицијата на Македонија во регионалниот контекст на Западниот Балкан? Дали според Вас Македонија се’ уште извезува стабилност или веќе станува повторно увозник на стабилност?

Сосема сум уверена дека таа извезува стабилност. Тоа секако има врска и со фактот што Албанците во Македонија многу добро сфатија дека е најдобро сопствената судбина да ја врзат за Македонија и дека не треба на плеќите да си товарат проблеми преку наводна солидарност со албанските браќа и сестри во околните земји. Уверена сум дека станува збор за стабилен процес. На конференцијата поразговарав со госпоѓата Теута Арифи и таа ми потврди дека Албанците во Македонија знаат каде се нивните интереси. Тие се во Македонија, во Европа и во НАТО! Поради сето тоа сметам дека не може да се очекува повторно дестабилизирање.

Дали би се осмелиле да дадете прогноза за тоа кога Македонија би можела да почне со преговорите за прием во ЕУ?

Многу е тешко човек да се осмели да даде прогноза за терминот. Но, можам да си замислам дека преговорите за прием би можеле да почнат во наредните година - две, доколку од македонска страна дојде соодветна реакција на последниот извештај на Европската комисија и доколку во меѓувреме не се појават други кризи. Затоа не сакам да дадам цврста прогноза дека тоа ќе се случи во наредните една или две години, иако многу посакувам преговорите да почнат. Бидејќи, Македонија од самиот почеток беше земја што во одредени кризни ситуации се покажа многу храбра. Првото што ми остави силен впечаток беше приемот на бегалците од Косово - тоа беше навистина фантастично. А второто беше начинот на кој Македонија се справи со воениот конфликт. Во тоа време бев токму во Македонија и можев од прва рака да ја доживеам ситуацијата и затоа имам голема почит за земјата. И тоа што таа тогаш смогна сили да го донесе договорот што денеска го нарекуваме Охридски и тоа по цена на надминување на голем број сопствени задршки. Тоа зборува во прилог на тезата дека како кај населението, така и кај политичарите постои голема зрелост. Посакувам истата зрелост Македонија да ја искористи и сега, да покаже решителност во однос на забелешките од извештајот на Европската комисија и овој пат да стори се’ за следниот извештај да биде подобар.