1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Македонија во очекување на ракометниот спектакл против Србија

Комплицирани теоретски можности постојат за пласман на македонската ракометна репрезентација во полуфиналето на Европското првенство во Србија. Без оглед на тоа играчите, но и публиката во Македонија очекува спектакл.

default

Сцена од мечот против Полска

Македонската ракометна репрезентација вечерва од 20 часот и 15 минути во Белград против Србија ќе го одигра последниот натпревар во групата 1 од втората фаза на Европското првенство. Теоретски Македонија се’ уште е со шанси за влез во полуфиналето, но за да се случи тоа потребна е победа против Србија, пораз на Данска од Шведска и победа на Полска над Германија со еден или два голови разлика.

Македонските ракометари пред мечот ветија спактакл. Капитенот Кирил Лазаров порача: „Очекувам сјајна атмосфера против Србија. Ќе бидат 10.000 наши против 10.000 српски навивачи, па на светот да му покажеме како се игра ракомет во поранешна Југославија, како се навива за тимот и како се сака државата“, рече Лазаров.

Нов воз со навивачи кон Белград

Во шест часот изутрината од Скопје за Белград отпатува возот со граѓаните добитници на билетите за превоз и за ракометниот натпревар Македонија - Србија. Македонската влада обезбеди бесплатен железнички превоз за илјада македонски граѓани, додека билетите се набавени од страна на ГП „Пелистер“.

Македонскиот репрезентативен голман, Борко Ристовски во интервју на официјалната интернет страница на Европската ракометна федерација ЕХФ, го истакна значењето на навивачите за македонскиот тим, но и можниот пласман во полуфиналето: „Ние сме мала држава со два милиони жители и со многу помалку ракометари од Полска или Данска. Полуфиналето би било најголемиот успех кој би ја направил нашата мала држава многу позната и горда“, истакнува Ристовски.

Хрватска и Шпанија веќе во полуфиналето

Двојки за денеска од групата 1 од која Србија веќе го обезбеди пласманот во полуфиналето: Полска - Германија (16 часот и 15 минути), Шведска - Данска (18:15 ч.) и Македонија - Србија (20:15 ч.).

Табела група 1: Србија 7 бодови, Германија 5, Данска 4, Македонија 3, Полска 3 и Шведска 2.

Од втората група која се игра во Нови Сад, Шпанија и Хрватска обезбедија пласман меѓу четирите најдобри. Хрватска вчеравечер го совлада актуелниот првак Франција, а по победта на Словенија над Унгарија, Хрватите го осигураа своето учество во натпреварите за медал.

Резултати: Шпанија - Исланд 31:26, Хрватска - Франција 29:22 и Словенија - Унгарија 32:30.

Табела група 2: Шпанија 7 бодови, Хрватска 6, Словенија 4, Унгарија 3, Франција 2 и Исланд 2.

Двојките за денеска во оваа група се: Франција - Исланд (16 часот и 10 минути), Шпанија - Словенија (19:10 ч.) и Унгарија - Хрватска (20:10 ч.)

Автор: СН/ АТ/ миа/ ехф/ мф

Редактор: Александра Трајковска

-