1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија во ноември ќе добие ранг-листа на универзитети

Македонската влада овласти кинески универзитет да го изврши првото рангирање на високообразовни установи во Македонија. Целта на рангирањето е да се стимулира конкуренцијата меѓу универзитетите, соопшти МОН.

default

Министерството за образование и наука го избра Центарот за светска класа универзитети при Шангајскиот Џио Тонг Универзитет од Народна Република Кина, водечка светска институција за првото рангирање на високообразовни установи во Република Македонија.
„Рангирањето се спроведува со цел да ја стимулира конкуренцијата помеѓу високообразовните установи,  да дава значајни информации поврзани со статусот на високообразовната установа за работодавачите, стопанството, студентите и нивните родители и за сите заинтересирани субјекти“, се вели во соопштението од Министерството за образование и наука.

Кој е кој меѓу македонските универзитети

Во рангирањето во Република Македонија ќе бидат вклучени петте јавни универзитети со сите високообразовни установи, единиците во нивниот состав, 10 приватни универзитети со единиците во нивниот состав, една јавно-приватна непрофитна високообразовна установа-универзитет, пет високи стручни школи и шест јавни и еден приватен научен институт.
Како што информираат од МОН, критериумите за потребите на домашното рангирање ги опфаќаат аспектите за квалитет и ефикасност на наставата и предавањата, квалитет и ефикасност на истражувањата и квалитет и ефикасност на социјалните услови.
Целиот процес на прибирање и обработка на податоците е во тек, а ранг листата на високообразовните установи во  Македонија се очекува да биде објавена во ноември годинава.

Автор:СН/ЖА/миа

Редактор: Жана Ацеска