1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија во заветрината на Грција

Весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ денеска (15.01) во широката анализа на состојбите во Македонија, оценува: „Владата и опозицијата недостоинствено се борат една против друга“.

Во текстот со наслов „Во заветрината на Грција“ на авторот Михаел Мартенс, меѓу другото се вели:

„Што и да речат или да направат (односно премолчат или толерираат да се прави) грчките политичари во последните три години, тие се под внимателен меѓународен надзор. Скандали или афери кои до пред неколку години не беа третирани во странство или беа примани до знаење некаде на маргините, сега редовно предизвикуваат големо внимание. Ретко која земја од страна на странскиот печат и странските влади е ставена толку ’под рентген’ како Грција од крајот на 2009 година. Тоа е лошо за атинската елита, но добро за владејачките кланови во соседните земји на Грција. Тие речиси незабележано можат да работат како им е волја, затоа што за нивните дејанија странските медиуми речиси и да немаат место и време“, пишува ФАЦ, наведувајќи дека тоа „особено јасно“ сега се покажува на примерот на Македонија:

„Таму речиси незабележано се случи скандал. Во Македонија, која е кандидат за приклучување кон ЕУ од декември 2005 година, владата дозволи од парламентот со примена на сила да бидат отстранети акредитираните новинари, како и опозиционите пратеници, за да може намира да се донесе Буџетот за 2013. Инцидентот беше дно на состојбите кои ги потврдуваат сомнежите во демократските ставови на македонскиот премиер Никола Груевски и неговата конзервативна владејачка партија ВМРО. Но и опозициониот Социјалдемократски сојуз на Македонија, произлезен од комунистичката партија и до денес делумно обележан од ’старите врски’ при поделбата на власта и функциите, не се истакна со исклучителни демократски сфаќања. На автократското владеење на Груевски и неговите компањони СДСМ се спротивставува со политика на закани, блокади и бојкот.“

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ натаму ги опишува настаните пред донесувањето на Буџетот 2013, барањата на опозицијата, огромниот број амандмани, итната собраниска процедура за носење на буџетот и инцидентите во собраниската сала, а се наведуваат и примери за трошењето пари во Македонија.

„Последицата од тоа е што вкупната задолженост на земјата значително е зголемена, иако споредено со Грција, буџетскиот дефицит се‘ уште изгледа умерен и во 2013 година треба да изнесува помалку од 4 проценти. Само што, Македонија не е членка на еврозоната, значи нема да има кој да ја спаси доколку кредиторите се вознемират. Лидерот на опозицијата Црвенковски се заканува со бојкот на изборите и тоа го образлага со тоа дека Груевски ќе се обидел да ги фалсификува резултатите. Но независната, паритетно составена Државна изборна комисија, е раководена од човек од доверба на Црвенковски. Мизеријата на Македонија не се изборите, туку 1460-те денови меѓу изборите. Сеедно кој е на власт“, заклучува „ФАЦ“.

Весникот „Ди Велт“ пак, денеска се занимава со бројот на барања за азил во Германија во изминатата година:

„Бројот на баратели на азил во Германија е многу зголемен во изминатата година, произлегува од бројките на Министерството за внатрешни работи до кои дојде ’Велт’. Според нив, во 2012 година, во надлежната Сојузна служба за

миграција и бегалци, се поднесени 64.539 барања за азил. Тоа значи зголемување од околу 41 проценти. Во 2012 година имало речиси 19.000 барања за азил повеќе отколку во годината претходно. Важна причина за големиот пораст е укинувањето на обврската за визи за Србија и Македонија. Двете земји, заедно со Босна и Херцеговина, Сирија и Русија, се земји од каде главно доаѓаат барателите на азил. Освен тоа, многу баратели на азил доаѓаат се‘ уште и од Авганистан и Ирак... Министерот за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих есента укажа дека барателите на азил од Србија и Македонија се пред се‘ економски бегалци. Тој побара промена на законот, за луѓето кои доаѓаат од сигурни држави да добиваат помал паричен надомест. Експертот за внатрешна политика на владејачката ЦДУ, Волфганг Бозбах, есента наведе дека барањата на државјаните на Македонија и на Србија „се 99 проценти неосновани“... Во текот на изминатата година, статус на бегалец, согласно Женевската конвенција, добиле 8764 лица, или 14,2 проценти од сите баратели на азил. Од нив ниту еден не е од Србија, Македонија или Босна и Херцеговина.“

„Тагесцајтунг“ се занимава со состојбите во Словенија и обвинувањата за корупција против премиерот Јанез Јанша и лидерот на опозицијата Зоран Јанковиќ, па заклучува:

„И без владина криза на Словенија и‘ претстојат тешки времиња... Словенија нема да се ’скрие’ под чадорот за спас на ЕУ, се вели во Љубљана, но домашниот банкарски систем има проблеми со ликвидноста. А тие ги погаѓаат и другите држави наследнички на Југославија. Вестите од Словенија таму предизвикаа загриженост. Во Хрватска, Босна, Црна Гора, Македонија, Косово и Србија, не е заборавено дека на почетокот на процесот на распад на заедничката држава Љубљанска банка, главната словенечка банка, ги замрзна парите на сите клиенти надвор од Словенија. Досега таа отфрла да ги исплати поранешните заштеди. Тоа е измама и им нанесе штети на стотици илјади луѓе, велат погодените во изјави за медиумите. Со политичката и економската криза во Словенија изгледите на оштетените да дојдат сепак до своите пари не се подобруваат.“