1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија верен и докажан пријател и партнер на САД

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов, по повод годишнината од нападите на 11 септември 2001 година, упати писмо до претседателот на Соединетите Американски Држава, Барак Обама.

default

Американскиот и македонскиот претседател Обама и Иванов на средбата во Варшава, во мај годинава

„Токму на десетгодишнината од терористичките напади, кои не ја потресоа само Вашата голема нација, туку исто така и срцата и мислите на сите слободољубиви демократии во светот, би можел единствено да се придружам кон единственото чувство дека ужасните настани од тој кобен ден не смеат никогаш да бидат заборавени. Чувството на ужас, страв и тага никогаш нема да избледи. Тоа мора да остане запаметено како лекција, но и како поттик за солидарност и единство меѓу слободните држави во нивната борба против злото“, вели Иванов.

Во писмото македонскиот претседател посочува дека „пред десет години тероризмот нанесе сериозен удар на Вашиот народ и на нашите заеднички вредности, фрлајќи длабока сенка врз слободниот свет. До ден-денес, оваа сенка постојано ја растеруваат како американските патриоти, така и меѓународната заедница“.

Борба за слобода

„Сеќавајќи се на жртвите, на ожалостените и на секое семејство што живее во тага, сакам да Ве уверам, господине Претседателе, дека Република Македонија и нејзиниот народ ќе продолжи да ги поддржува американските напори за одбрана на слободата, демократијата и човековите права во светот со истата одлучност, како и досега. Борбата за мир, слобода и за подобра иднина на човештвото во целост, е далеку од завршена. Република Македонија е верен и докажан пријател и партнер на Вашата голема нација, а нашите мировници остануваат заедно со Соединетите Американски Држави во напорите за поголема безбедност, стабилност и мир во светот. Би сакал да Ве уверам дека мислите на македонските граѓани се со семејствата на жртвите“, вели претседателот Иванов во писмото до Обама.

Писмо со сочувство до амeриканскиот претседател упати и македонскиот премиер Никола Груевски. „Владата на Република Македонија ќе продолжи силно да ја поддржува заложбата и активностите на Соединетите Американски Држави, како лидер на слободните демократски нации, за неутрализација на сите елементи кои го поттикнуваат и промовираат тероризмот и ги загрозуваат мирот, стабилноста и безбедноста во светски рамки“, се вели во писмото

Автор: ГЧ/миа

Редактор: Е.М.Фиданоска