1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија блиску или далеку до датум за преговори со ЕУ?

Комисијата за надворешни работи на ЕП со огромно мнозинство ја усвои нацрт-резолуцијата за напредокот на Македонија во 2008 г. За европарламентарецот Кацин ова е реален извештај што треба да биде поттик за Македонија.

default

Во усвоената нацрт-резолуција, европратениците од Комисијата за надворешни работи го повторија барањето до Советот на ЕУ, Македонија годинава да добие датум за почеток на преговори со Унијата. Од Европската комисија се бара колку што е можно поскоро да препорача укинување на визите. Македонските власти, пак треба да изнајдат решенија за отворените прашања со соседите и да продолжат со градењето на добрососедските односи.

Притоа, Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент смета дека решавањето на отворените прашања на Балканот не треба да бидат пречка за пристапувањето во ЕУ и да имаат предност пред процесот на евроинтеграција.

Дебата околу грчко-македонскиот спор

Европратениците изразија надеж дека грчката влада нема повеќе да користи вето против Македонија и дека ќе ја поддржи земјата во нејзината интеграција кон Европската унија и НАТО.

UN Mediator, Mathew Nimitz in Skopje

Европратениците го поддржуваат процесот што го води посредникот Метју Нимиц

И покрај тужбата на Македонија пред Меѓународниот суд на правдата против Грција тие се надеваат дека двете страни ќе останат посветени на преговорите.

За прашањето на името околу кое се водеа добар дел до преговорите за седумте компромисни амандмани, од вкупно предложените 84, словенечкиот европратеник Јелко Кацин, веднаш по гласањето за Радио „Дојче веле“ изјави:

„Треба да се направи пробив. На оние што преговараат треба да им се даде јасно до знаење дека имаат мандат, но дека тоа не е мандат од десет или дваесет години. Тоа прашање треба да се реши и треба да се дозволи ширењето на ЕУ кон земјите од Западен Балкан“.

Комисијата исто така не ги прифати екстремните барања на бугарските европратеници за осуда на наводните малтретирања и дискриминација на бугарските граѓани што живеат во Македонија, како и за наводното рушење споменици и основање на заеднички историски комисии.

Критика за притисокот врз медиумите

Меѓу другото, во нацрт-резолуцијата е поздравено единството на власта и на опозиција за исполнување на критериумите поставени од Брисел.

Jelko Kacin

Јелко Кацин

Во резолуцијата се критикува и притисокот врз медиумите во Македонија и нивната зависност од приходите од рекламни услуги на владата, загадувањето од рафинеријата ОКТА, слабиот напредок во борбата против „говорот на омразата“, ситуацијата на Ромите итн.

„Мислам дека извештајот е реален и дека сегашната македонска гарнитура е способна да го чита во позитивна смисла. Се надевам дека тој ќе биде поттик и помош за следните чекори што македонската држава мора да ги направи, за да биде поуспешна на својот пат за приближување и влегување во Европската унија“, додава европратеникот Јелко Кацин.

За резолуцијата ќе треба да се изјасни Европскиот парламент на мартовската пленарна седница.