1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија благодарна за американската поддршка

Делегацијата на македонското Собрание, која е во посета на САД, разговараше со сенаторот Џон Мекејн, претседателски кандидат на Републиканската партија на изборите во 2008-ма. Мекејн рекол дека ќе лобира за Македонија.

default

Трајко Вељаноски

Претседателот на македонското Собрание Трајко Вељаноски, по средбата со Мекејн, изјави дека влијателниот сенатор ја подвлекол неговата поддршка за македонското членство во НАТО, која ја имаше искажано и пред самитот во Чикаго минатата година.

„Џон Мекејн е докажан пријател на Македонија и се интересираше за сите прашања поврзани со Македонија, му упативме покана за посета на нашата земја и рече дека со задоволство ќе ја прифати во догледно време. Секогаш од него имаме поддршка за членството во НАТО, дури укажа дека ќе лобира кај Сенатот, Претставничкиот дом, кај неговите колеги за Македонија“, изјави Вељаноски по средбата.

Вељаноски и Мекејн, како што јави агенцијата МИА, зборувале за спорот за името меѓу Македонија и Грција, при што македонската страна истакнала дека има искрен пристап во спорот и се залага за решение кое е прифатливо за двете страни и е долгорочно одржливо.

Македонската делегација, во која се и пратениците Владимир Ѓорчев и Александар Спасеновски, имаше и работен појадок со експерти и аналитичари на конзервативната фондација Херитиџ, на кој се разгледаа безбедносните состојби на Балканот, интеграциите и македонските економски реформи. Средба е остварена и со Лорн Крејнер, директор на Меѓународниот републикански институт ИРИ, при што било покренато прашањето за можна обнова на програмите на овој институт во Македонија.