1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија без бодови доаѓа на „натпреварот“ во Виена

На денешната Конференција за Западен Балкан во Виена, Македонија доаѓа без конкретни резултати кои може да сведочат за нејзин каков било напредок, оценуваат аналитичари. МНР молчи.

Со фудбалски меч на екипата на премиерите на земјите кандидати за членство во Унијата - Албанија, Србија, Македонија, Црна Гора, БиХ и Косово против екипата на ЕУ, а во кој судија беше еврокомесарот Јоханес Хан, синоќа во Виена симболично започна втората конференција на т.н. Берлински процес.

По ваквиот релаксиран почеток, ќе започнат разговорите на премиерите од Западен Балкан со германскиот и австрискиот канцелар, Ангела Меркел и Вернер Фајман, за економски и проекти од енергетиката, за кои ЕУ има фонд од 30 милијарди евра за наредните 15 години. Берлинскиот процес беше инициран во 2014 година од страна на Германија, а на конференциите учествуваат премиери, министри за надворешни работи и за економија на сите држави од Западен Балкан, претставници од ЕУ и од меѓународни институции.

Македонското Министерство за надворешни работи остана без одговор на прашањето од Дојче веле, кои од обврските и ветувањата од минатата Конференција, Македонија ги реализирала до денес.

Три дена пред самитот во Виена, министерот за надворешни работи Никола Попоски, заедно со бугарскиот и со албанскиот колега Даниел Митов и Дитмир Бушати во Скопје потпишаа декларација за патна и за железничка соработка, со цел да се подобри меѓусебната поврзаност. На прашањето со какво досие Македонија оди во Виена, министерот Попоски тогаш рече: „Немаме намера никого да импресионираме. Ќе избегнеме какви било изговори и ќе се обидеме да изградиме поефикасен систем за решавање на проблемите. Политичкиот договор и дијалогот што се одвива меѓу политичките партии е јасен сигнал во кој правец сакаме да одиме“.

Соседите со резултати

Земјите од Западен Балкан на Конференцијата во Виена доаѓаат со поконкретни резултати. Црна Гора и БиХ вчера во Виена го потпишаа меѓудржавниот договор за разграничување, со што ставија крај на долгогодишниот нерешен меѓусоседски проблем. Таков договор Црна Гора потпиша и со Косово. Во Брисел, пак, Србија и Косово вчера ставија потпис на договорот кој регулира важни меѓусоседски прашања: формирање Заедница на српски општини во Косово, како и договори во сферата на телекомуникациите и енергетиката. Со какви резултати Македонија доаѓа во Виена?

Од наша страна нема резултати помеѓу двата самита, вели поранешниот амбасадор Ѓорѓи Мисајловски.

„Идејата на канцеларката Анегела Меркел за Конференциите за Западен Балкан беше поттикнување за остварување конкретни резултати. Такви резултати од наша страна нема. Потезите на Владата не беа на линија на договореното во Берлин во 2014 година, што побрзо да се решат проблемите. Нема конкретно поместување во отворените проблеми со Грција и Бугарија. Наместо тоа, ги разголивме докрај нашите слабости (Извештајот на Прибе), односно ги потврдивме слабостите на кои се укажува во заклучоците од Самитот во Берлин во однос на медиуми, слободни синдикати, економија без влијание на политиката, правна држава, улогата на опозицијата, улогата на парламентот. Не можеме да се пофалиме ни со имплементација на Договорот од 2 јуни, чии рокови полека истекуваат“, констатира Мисајловски.

Од тој аспект, од Самитот во Виена не очекува ништо посебно.

„Централна тема ќе биде бегалската криза, при што ќе се потенцира хуманата димензија и заедничката одговорност. Ќе се пофали дијалогот меѓу Белград и Приштина. За другите нема да има обесхрабрувачки формулации, но ќе има укажувања за поголема одговорност на владите. Резултатот на фудбалскиот напревар меѓу екипата на 'ЕУ' и на 'Иднината на ЕУ' ќе биде нерешен, како впрочем и формулациите во завршните заклучоци“, прогнозира Мисајловски.

Вклучено и граѓанското општество

Новина на Конференцијата во Виена е што годинава се организира и посебен Форум на граѓанското општество, на кој учествуваат 70 претставници од регионот, кои претходно имаа неколку подготвителни состаноци. На овој Форум учествува и Малинка Ристевска Јорданова, директор на Институтот за европска политика од Скопје.
„Подготвени се препораки за три области: регионална соработка, слобода на медиуми и вработување. Во сите три области се бара поголема вклученост на граѓанското општество“, објаснува Ристевска.

И таа не го крие разочарувањето што Македонија нема резултати меѓу двата самита.
„Неколкуте карактеристични точки за Македонија од минатогодишната Берлинската декларација немаат напредок. Очекувањето брзо да се реши спорот со името не се реализираше. Враќањето на опозицијата во парламентот допрва се очекува. Значајна точка беше и борбата против организираниот криминал и корупцијата. Многу се случи во организираниот криминaл и корупцијата, но не и во борбата против нив. Напротив, се покажа дека институциите не можат да реагираат на корупција на високо политичкo ниво. Оваа година за Македонија веројатно ќе се изрази очекување да се спроведе политичкиот договор, но можно е да се реагира и за кризата со бегалците, имајќи ги предвид изјавите на министерот за надворешни работи на Австрија, по посетата на нашата граница со Грција. Значајно внимание се очекува да се посвети на инфрастурктурните коридори - транспортните и енергетските“, вели Ристевска.

ЕУ не е комплетна без Западен Балкан

И покрај недоволните резултати, од земјата домаќин и од иницијаторот на Конференцијата и натаму стигнуваат охрабрувачки тонови. Во заедничката изјава дадена во пресрет на Конференцијата, министрите за надворешни работи на Австрија и на Германија, Себастијан Курц и Франк Валтер Штајнмаер, уште еднаш ја нагласија поддршката на земјите од Западен Балкан во интеграциските процеси.

„На Виенскиот самит ќе ја потврдиме нашата посветеност на европската перспектива за сите земји од Западен Балкан, како и нашата континуирана поддршка за овој регион. Вратата на Унијата мора да остане отворена за регионот со цел да се обезбеди ЕУ да остане најуспешен мировен проект во светот. Јасно е дека без Западен Балкан ЕУ не е комплетна. Убедени сме дека Виенскиот самит и континуираниот Берлински процес ќе придонесат кон крајната цел - членство во ЕУ на сите земји од Западен Балкан. Австрија и Германија со сите сили ќе ги поддржуваат напорите во таа насока“, потенцираа во зедничката изјава.

Останува само земјите од Западен Балкан да дадат свој искрен придонес за таа цел.