1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија бара гаранции во ОН за националниот идентитет

За Претседателот Бранко Црвенковски, услов за продолжување на преговорите со Грција, е во ОН да се гарантира постоењето на македонски народ и македонски јазик. Ваквата порака преговарачите ќе му ја пренесат на Нимиц.

default

Бранко Црвенковски

Македонскиот преговарачки тим во спорот за името со Грција, Никола Димитров и шефот на кабинетот на премиерот, Мартин Протуѓер, денеска во Њујорк, на медијаторот Метју Нимиц , ќе му ја пренесат позицијата на државно владиниот врв по неговиот последен сет идеи за решение на спорот.

Властите во Скопје бараат гаранции дека идентитетот и јазикот ќе бидат цврсто определени во регистарот на ОН. Оваа позиција е своевиден услов за продолжување на преговорите со Грција, што индиректно го потврди и Претседателот Бранко Црвенковски.

UN Mediator, Mathew Nimitz in Skopje

Од разговорите на Метју Нимиц во Скопје

Синоќа во Струмица тој порача дека доколку со печат на ОН се гарантира постоењето на Македонски народ и Македонски јазик, како клучни точки врз кои се базира идентитетот, тогаш земјата може да се определи за продолжение на преговорите и да стане членка на НАТО и да и`се отвори вратата за членство во ЕУ.

Каков е резервниот план!?

Дел од експертската јавност во земјата ја поддржува ваквата позиција на државно владиниот врв. Аналитичарот Владимир Мисев, сепак смета дека е прерано билатералните преговори со Грција да се заменат со конечно решение во Советот за безбедност на ОН или во Генералното Собрание на Светската организација. Според него, доколку не биде најдено решение, Македонија ќе треба истото да го побара низ механизмите на меѓународните организации, односно ОН. Тој смета дека тоа е веројатната стратегија „Б".

Последниот став на властите во Скопје доаѓа по притисокот од САД за брзо решение на спорот во наредните пет недели, за да може да се реализира планот на администрацијата на Џорџ Буш, Македонија, заедно со Албанија и Хрватска, да стане членка на НАТО. Во оваа насока се одвиваа и разговорите на заменик државниот секретар на САД, Стјуарт Џонс, со властите во Скопје. Тој ја повтори силната американска поддршка за членство на земјата во НАТО и додаде дека САД целосно го поддржуваат и очекуваат успех од процесот за името што се води во ОН.


DW.COM