1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Македонија - балканска „силиконска долина“?

Од 7 до 9 јуни Македонија ќе биде домаќин на првата лидерска конференција за информатичко-комуникациски технологии во образованието. Македонија сега е на 51 место во светот мерено според информатичкото општество.

default

Како што е соопштено на интернет-страницата на македонското министерство за информатичко општество, на „ИТ - самитот“ се најавени доаѓања на министрите за информатичко општество и за образование од земјите од Балканот, како и на министрите од државите од Источна Европа. Најавено е дека на конференцијата ќе се обрати потпретседателот на „Интел“ Џон Дејвис.

Информатички кадри во сите сфери - предуслов за развиено информатичко општество

Една од главните цели ќе биде да се претстави напредокот што го има постигнато Македонија во развојот на информатичкото општество. Патемно кажано, минатиот месец Меѓународната телекомуникациска унија го објави извештајот за 2007 и 2008 година, според кој во поглед на развојот на информатичкото општество, Македонија сега е рангирана на 51. место меѓу 158 држави во светот.

По овој повод, Дојче веле побара мислења од експерти од областа на информатиката и информатичко-компјутерските технологии, како и од Стопанската комора на информатичките компании, околу тоа: какви се состојбата и трендовите на овој план во земјата, реално погледнато, и особено - зошто младите информатички таленти си заминуваат во странство?

Осврнувајќи се на развојот на информатичкото општество во Македонија, Жанета Попевска, професорка во Институтот за информатика на Природно-математичкиот факултет во Скопје посочува: „Имаме одредени проекти, кои не се само на хартија, туку се веќе изреализирани: многу е навлезено во реализацијата на проектот ’Е - влада’, односно, ’Електронска влада’, во информатичкото поврзување на министерствата и институциите. Меѓутоа, информатичките кадри треба да бидат присутни не само во индустријата за информатичка технологија, туку насекаде, да бидат во сите сфери, во сите институции. Но, не само како обични извршители, кои ќе постават нечија друга програма.“

Училници полни со компјутери - наставници неспособни да ги користат

Што се однесува до образованието, д-р Попевска дополнува: „Зголемувањето на бројот на компјутерите и нивната достапност за децата преку воведувањето во училниците не значи дека ја користите информатиката во подобрувањето на квалитетот на живеењето. Ние имаме компјутери во училиштата - немаме доволно луѓе кои ќе ги образуваат тие ученици. Значи, наставниот кадар, кој треба да го користи компјутерот како помошна алатка во функција на своја подготовка заради одредени презентации на наставните содржини, не е оспособен да го направи тоа.“

Arbeitsamt und Computer

Попусто се компјутери во училиштата, ако нема обучен кадар за работа со нив

Иван Митревски, менаџер за односи со јавноста во Стопанската информатичка комора истакнува дека се случува и натаму одлив на квалитетните информатичари од Македонија во странство, но сега и со еден контра-тренд: според него, растечкиот пораст на платите во домашната информатичка индустрија веќе влијае спротивно на одливот.

Во овој контекст Митревски истакнува: „Според некои податоци, годишната продукција е 750-800 дипломирани електроинженери, или програмери, зависно од струката. Секако, дел од нив се одлеваат во странство, а дел се апсорбирани од домашната индустрија за информатичка технологија, која започнува да искажува и зголемени потреби за вакви кадри. Ова е поттикнато и од самиот факт што нашата индустрија бележи пораст од околу 35 отсто на своите софтверски и други продукти годишно, во последниве две години.“

Професорката Попевска забележува: „Многумина од нив започнуваат сега и еден друг процес: работат за странски фирми од овде, од дома, дури и како поединци, не само преку одредени фирми во Македонија.“

Студент на Штуловиот универзитет за една година заработил 40 илјади долари од странска компанија

Професорот Артан Љума од факултетот за компјутерски науки на Штуловиот универзитет во Тетово, се надоврзува: „Имам студенти кај мене, кои работат за компании во Соединетите Американски Држави, во Турција, во Европа. И студираат и прават дизајни, апликативни програми, или други услуги, на пример, за фирми за мобилни телефони, за фирми од текстилната индустрија ... Последниот ваков случај на нашиот факултет за компјутерски науки е еден студент на трета година, кој успеал да заработи за една година 40 илјади долари. Друг, пак, 20 - 30 илјади долари.“

„Домашните таленти ја напуштаат Македонија не само поради кариерата и подобрите услови за животна егзистенција, туку и со

Artan Ljuma und Besnik Selimi

Артан Љума (лево) и Бесник Селими (десно)

оглед на фактот што тие немаат дома услови за постојано надополнување на теоретските познавања и за професионално усовршување, што е императив за секој информатичар во оваа глобализирана ера“, смета Бесник Селими, професор на истиот факултет. Докторирајќи минатата година на Универзитетот во Гренобл со стипендија од владата на Франција, Селими ја задржува намерата да замине повторно таму, било заради натамошна животна перспектива, било заради повторните контакти со теоријата и праксата - нешто што, според него, недостасува многу во едукацијата на македонските информатички и компјутерски профили.

Д-р Селими истакнува: „Не мал број немаат контакти со реалната информатичка индустрија - тоа е голем хендикеп. Затоа, тие што остануваат во странските држави можеби ќе продолжат да студираат. Значи, излегуваат од Македонија откако дипломирале на факултет, но надвор ќе завршат специјализации уште во текот на една до две години.“

Д-р Љума додава: „Се случи дисперзирање на ваквите факултети речиси во секој град во земјата. Без лаборатории, без опремени кабинети, рамништето на таквото образование започна да опаѓа. Сега не се оди на квалитет, туку на квантитет.“

Како и да е, експертите истакнуваат дека Македонија има и во оваа сфера „ум за извоз“, но со препорака тоа да не биде во вид на луѓе, во вид на кадри, кои сега се дестимулирани да останат и да придонесуваат кон развојот на домашната економија. Соговорниците на Доче веле заклучуваат дека и од оваа земја можат да се извезуваат во светот врвни софтверски продукти, како и апликативни програми за редица дејности, употребливи и прифатливи дури и за такви гиганти, како што се „Мајкрософт“ и „Интел“.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска