1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Мажите реагираат кога е предоцна

Првиот конгрес посветен на здравјето на мажите во Германија покажа дека тие не водат голема грижа за здравјето, не ги следат сигналите на телото, не ја користат превенцијата - што значи реагираат кога е предоцна!

Според податоците презентирани на првиот конгрес во Берлин посветен на здравјето на мажите, тие живеат пет години покусо од жените, страдаат во повеќе несреќи, пијат повеќе алкохол, психолошки се полабилни и почесто посегаат по сопствениот живот!

„Јавно да се говори за здравјето на мажот во изминатите 200 години било речиси незамисливо! И тоа од едноставна причина што општествено и социјално гледано, мажот ја презел улогата на хранител на семејството. Па, доколку се окупирал со здравјето, тоа би значело дека се дефокусира од работата. Од друга страна, сега животниот век на мажот е пет години покус од оној на жената и тоа не поради некакви генетски, биолошки предиспозиции, туку пред се’ поради начинот на живеење“, вели проф. д-р Мартин Дингес од Институтот за историја на медицината на институтот „Роберт Кох“.

Ризична група

Покусиот животен век на мажот во споредба со жената е рефлексија на традиционално прифатениот модел на „посилен“ пол. Така, мажите повеќе пијат алкохол. „Поднапиени“ се осмелуваат да седнат зад воланот. Еуфорично притискаат на педалот за гас и логично имаат повеќе сообраќајни несреќи со што и поголем ризик (од жената) да платат со живот. И нивната професионална работа почесто е врзана со ризици. Така, на пример, несреќи на градилиштата имаат главно мажите, зашто жените таму се ретки.

Во ризиците се вбројуваат и цигарите. Мажите повеќе и пушат и ги трпат последиците од ова задоволство. Статистиката, но и студијата на „Роберг Кох“ за здравјето на мажите, како што вели Ане Штаркер од овој институт, потврдуваат дека дури 32,3 проценти од посилниот пол заболува од карционом на белите дробови и дишните патишта. Фрапантни се и информациите за психичките растројства кои водат до самоубиства кај мажите кои само потврдуваат дека мажите се многу почувствителни отколку што се прикажуваат, такашто безизлезноста многупати ја решаваат фатално. Типични самоубијци се мажи во категоријата лица кои живеат сами (разведени, вдовци, неженети). Тие не можат да излезат на крај со осаменоста, особено доколку имаат и професионални проблеми, при што кризата најпрво се рефлектира врз нивното психичко и физичко здравје. Поради тоа проф. д-р Теодор Клоц (Клиника Вајден од Оберпфалц) им препорача на сите „самци“ да си најдат партнер за третото доба преку некоја од бројните агенции за посредување.

1. Männergesundheitskongress Berlin

Многу мажи повеќе знаат за својот автомобил, отколку за сопственото здравје - професор Инго Фробес

Иако не може да се генерализира, на добар број германски мажи повеќе им недостига смелост, отколку време за сериозен разговор со својот лекар. Или како што описно коментира проф. д-р Инго Фробес: „Многу мажи подобро го познаваат својот автомобил, отколку сопственото тело, па на лекар одат дури откако некој дел ќе откаже, што понекогаш е предоцна“.

Подвижност и мобилност

За среќа ова не важи за сите, но најпроблематична, најнедостапна е групата нискообразовани, стари, немобилни лица и добар дел мажи со мигрантско потекло. А, здравствените контроли и превентивните прегледи се фактори кои придонесуваат да се продолжи квалитетот и животниот век. Ова се однесува пред се’ на превенцијата на рак на простата и на дебелото црево кои се најчести болести и причини за смрт кај мажите. Немарноста на мажите се гледа и во податокот што две третини од визуелни тестови за карцином на дебелото црево ги искористиле жените, кои патем трипати повеќе се консументи на медикаменти одошто мажите. Значи, се грижат за сопственото здравје, следат што се’ се случува, благовремено реагираат и - подолго живеат!
Здравата храна, спортот и контрола на тежината се успешниот рецеп со кој може да се влијае врз крвниот притисок, срцето, дебелото црево, скелетот, мобилитетот, ендокрините активности, сексуалноста...

1. Männergesundheitskongress Berlin

На добар број германски мажи повеќе им недостига смелост, отколку време за сериозен разговор со својот лекар

„За доброто здравје дневно е потребна 30-минутна активност и тоа барем петпати неделно. 73 проценти од мажите ова не успеваат да го реализираат и се нискоактивни. Академците се најпроблематични, а кон нив се’ повеќе се приклучува и помладата популација, која е во своевидна ’кома’ состојба кога ќе се најде пред телевизор или компјутер. Некои велат дека треба да има адекватна понуда и програми кои ќе ги активираат мажите. Убеден сум дека не треба да се чека некој да организира некаква спортска понуда за да им се помогне на мажите. Тие треба самите да си помогнат. Да не чекаат, туку да се раздвижат и самите за себе нешто да направат“, вели проф. Инго Фробес од Германската висока школа за спорт.

Поврзана содржина