1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Мадуро се заканува со бркање на СиЕнЕн

Венецуелскиот претседател Николас Мадуро се закани дека ќе ја исфрли американската мрежа СиЕнЕн од земјата поради нејзиното известување за протестите на опозицијата.

Мадуро вели дека СиЕнЕн ќе мора да си замине доколку „не го промени известувањето“. Венецуелскиот претседател во исто време најави дека ќе испрати армиски трупи во западната покраина Тахира, каде континуирано се протестира против неговата власт.

Опозициските лидери ја критикуваа власта дека во текот на изминатите денови применувале прекумерна сила во обид да ги запрат протестите, а во некои делови од земјата било користено и огнено оружје.

Демонстрантите во Каракас и во други градови предизвикаа пожари на улиците и со камења ги напаѓаа припадниците на Националната гарда, кои возвраќаа со солзавец, водени топови и гумени куршуми.

Опозиционерот Енрике Каприљес, на двапати неуспешен претседателски кандидат, вели дека владата спровела „брутална репресија“ над студентите и другите демонстранти.

Од друга страна претседателот Мадуро и неговите приврзеници велат дека протестите против социјалистичката влада се дел од обидот за државен удар кој го поддржуваат десничарите и „фашистите“ во Венецуела и во странство, особено САД.