1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Мадуро раководи со Венецуела

Досегашниот заменик на Чавез, Николас Мадуро, е инаугуриран за преоден претседател на Венецуела. Тој ќе биде врвниот кандидат на владејачките социјалисти на претседателските избори кои следуваат наскоро.

Досегашниот потпретседател на Венецуела Николас Мадуро вчеравечер (08.03) во Каракас положи заклетва пред претседателот на парламентот Диосдадо Кабело. Тој се заколна „во име на апсолутна лојалност кон командантот Уго Чавез“ дека ќе го брани уставот на Венецуела. Согласно уставот, Мадуро во рок од 30 дена мора да распише нови избори. Потоа 50-годишникот ќе влезе во изборна борба како кандидат на владејачката Социјалистичка партија.

Претходно, Врховниот суд на Венецуела го потврди Мадуро како преоден претседател на земјата. Мадуро, непосредно пред смртта на Чавез, стана вршител на должност претседател и смее да настапи како кандидат на претседателските избори, сопшти судот. Лидерот на венецуелската опозиција Енрике Капријес пак, наспроти тоа, рече дека инаугурацијата на Мадуро е „уставна измама“. „Никој не го избрал Мадуро“, рече тој. Одлуката на највисокиот суд во земјата е „злоупотреба“, нагласи Капријес. Согласно со ваквиот став, опозицијата ја бојкотираше церемонијата на инаугурација.

Уго Чавез инаку беше погребан вчера. Претставници на 54 земји дојдоа во Каракас да му оддадат последна почест на „команданте“. На официјалната комеморација во Воената академија во Каракас присуствуваа претседатели на држави или влади на 32 земји од светот. Меѓу нив главно беа претставници на Латиноамериканските земји, но и иранскиот претседател Ахмадинеџад и белорускиот властодржец Лукашенко. Земјите на ЕУ беа претставени главно од своите амбасадори, додека пак САД испратија пратеник и еден екс-парламентарец од редовите на демократите.