1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Мадуро го мина првиот тест

Социјалистичката партија на актуелниот претседател Николас Мадуро победи на локалните избори во Венецуела кои се одржаа викендов. Граѓаните речиси поделени меѓу власта и опозицијата.

Владејачката Единствена социјалистичка партија во Венецуела победи на локалните избори по преброени гласови од три четвртини од 337-те градови. Кандидатите на социјалистите победија во 196 од нив, додека опозициската Коалиција на демократско единство во 53 градови. Севкупно, владејачката партија освоила околу 50 проценти од гласовите, наспроти опозицијата со 43 отсто.

Вчерашните избори беа најголем тест досега за претседателот Николас Мадуро кој го наследи Хуго Чавез по неговата смрт во април. Мадуро (51) е поранешен возач на автобус.

„Венецуелскиот народ му порача на светот дека боливарската револуција продолжува со поголема сила“, изјави Мадуро.

Опозицијата сепак, однесе победи во двата најголеми града во државата – во Каракас и во Маракаибо. Но, неспособноста да победи на национално ниво е удар врз опозицискиот лидер Енрике Каприлес, кој неколкупати повикуваше изборите да бидат референдум за политиката на Мадуро.

„Венецуела е поделена земја, таа нема сопственик. Ние градиме алтернатива и нема да запреме додека не ја обединиме Венецуела“, изјави Каприлес.

На изборите учествуваа 59 отсто од 19-те милиони регистрирани гласачи.