1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Мадрид - терор, истрага: откриено како, но не и кој го изврши

-Истрагата по терористичкиот напад во Мадрид донесе многу сознанија за полицијата за шемата според која постапувале терористите и како биле конструирани бомбите, но не и одговор на клучното прашање - чие дело е тој.

Секоја од бомбите се состоела од по 10 килограми експлозив, кој е произведен на северот на Шпанија. Од истиот производител потекнуваат и детонаторите. Експлозивна смеса од сличен вид користела ЕТА при нападите во 80-тите години, пред да премине на експлозив од француско производство. Материјалите што сега ги употребиле терористите, инаку, се користат во рударството и не ги има на лагер, туку се произведуваат само врз основа на нарачки од лиценцирани фирми. Токму поради долгогодишното искуство со теророт, производството и примената се под стриктна контрола, па транспортот на експлозивот го придружува полицијата. Сега се истражува каде и кога е украден. Терористите го сместиле експлозивот во патни торби и го активирале со помош на мобилни телефони, но не преку повик, туку со функцијата на будилник. Сево ова беше откриено кај случајно неексплодираната бомба меѓу багажот донесен од погодените возови во една полициска станица. Терористите очигледно добро го простудирале локалниот железнички сообраќај во Мадрид и знаеле дека можат да сметаат на точноста на возовите, па така и да ги програмираат мобилните телефони на активирање на функцијата за будење во точно определен момент. Бомбите го донесле со украдено товарно возило во предградието Алкала де Енарес, оддалечено 30-ина километри, и таму ги сместиле во возовите. Некои иследници сметаат дека за целата акција биле доволни до шест луѓе, пишува весникот "Ел Паис". Три возови на таа станица стоеле пет минути и во нив биле поставени по 4 бомби, четвртиот застанал само една и во него не екслодираа две од подметнатите бомби. Не е јасно дали терористите се симнале веднаш на истата станица или неколку постојки понатаму. Тоа е досега познатото од текот на работите.

Денеска се извршени првите погреби. Комеморација се одржа во Алкала де Енарес, од каде има најмалку 30 од вкупно 200-те жртви. 1482 лица беа повредени. Богослужби се одржани во најмалку уште 7 градови. Синоќа на демонстрациите против теророт во повеќе градови на Шпанија учествуваа околу 11 милиони луѓе, само во главниот град Мадрид ги имаше повеќе од 2 милиона. Меѓу присутните државници од Шпанија и странство беше и германскиот министер за надворешни работи Јошка Фишер: "Овде сме за да ја искажеме нашата поврзаност, нашето сочувство и нашата солидарност", изјави тој.

Денеска, ден пред парламентарните избори и два дена по атентатите, во Шпанија се развива внатрешно-политички спор меѓу централната и локалната влада на покраината Баскија. Од владата во Мадрид упорно прстот се насочува кон илегалната терористичка баскиска организација ЕТА како можен извршител, што таа - невообичаено за досегашната нејзина практика - повеќепати го демантира. Регионалната баскиска влада изјави дека ги смета за веродостојни тие деманти од ЕТА и ја обвини централната влада дека со досега објавените информации предизвикува уште повеќе "збрка, хаос и несигурност".

Во конфузијата околу можните извршители, при што се изнаоѓаат индиции во прилог на обете хипотези - за ЕТА, но и Ал Каеда, односно исламски тероризам, од Норвешка дојдоа и нови информации: тамошни безбедносни експерти во интернет откриле документи кои укажуваат на врска на Ал Каеда со нападите во Мадрид. Институт за безбедносна политика, специјализиран за истражување на оригинални документи на Ал Каеда, минатата година открил арапска интернет-страница на која Шпанија била означена како стратегиски пункт за напад во отпорот против окупацијата на Ирак. Шпанија била означена како "најслаба алка" во колаицијата предводена од САД.