1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Мадрид - реакции

Меѓународната заедница реагира со шок и згрозување на серијата терористички напади во Мадрид

Madrid

Madrid

Генералниот секретар на НАТО, Јап де Хоп Шефер и вети на Шпанија полна солидарност на Алијансата, а бројни европски политичари покрај сочувството за шпанскиот народ апелираа до Шпанците да не дозволат да бидат заплашени, туку храбро да излезат на неделните избори.

Знамињата во Брисел уште денеска на пладне беа спуштени на половина копје, а шефот на Европската комисија Романо Проди во првата реакција остро ги осуди атентатите:

“Со оглед на апсолутните стравотии од нападите утринава во Мадрид, зборовите губат какво и да е значење. Во овој страшен момент најважна е почитта за страдањето на жртвите и солидарноста со шпанскиот народ.“

Како доказ дека зборовите навистина немаат значење, Проди денеска застана на чело на поворката демонстранти кои со марш на молчење мина низ центарот на Брисел во знак на протест против насилството во Мадрид.

Евро-комесарката Лојола Паласио, по потекло од Шпанија, изјави дека ништо не може да ги оправда ваквите кукавички атентати, мислејќи на баскиските сепаратисти, кои шпанските политичари ги сметаат за одговорни за нападите.

Координаторот на европската безбедносна и надворешна политика Хавиер Солана, исто по потекло од Шпанија, ги повика своите сонародници и покрај страшните бомбашки напади да излезат на неделните избори:

“Секој Европеец и секој демократ мора да ги осуди овие луѓе, кои сакаа да ги пореметат изборите преку страдање на стотици недолжни луѓе.“

Слично одреагира и претседателот на Европскиот парламент, Пат Кокс, кој по прекинувањето на седницата порача дека терористите не смеат да ја постигнат целта:

“Ајде да им одговориме в недела, и тоа така што ќе им покажеме дека шпанската демократија е силна и дека ќе ги надмине заканите на тероризмот со сите средства.“

Седницата на кусо ја прекина и претседателот на германскиот парламент Волфганг Тирзе, кој известувајќи ги пратениците за атентатите во Мадрид од името на целиот Бундестаг им упати сочуство на шпанските колеги и на целиот шпански народ. Пораки со сочувство и изјави на солидарност упатија и Претседателот на државата Јоханес Рау до шпанскиот крал Хуан Карлос, како и канцеларот Герхард Шредер до премиерот Хозе Марија Азнар. Шредер веста од Мадрид го затекна на разговорите со холандскиот колега Јан Петер Балкененде во Берлин, по што на заедничката прес-конференција канцеларот истакна:


“Ние сме обајцата длабоко трогнати од овој нечовечен атентат и сметам дека секој кој се занимавал со вакви стравотии ќе има сочувство со најблиските на жртвите и ќе посака ранетите да ги надминат нивните повреди.“

Шредер во овие напади гледа нов квалитет на теророт, нагласувајќи дека терористички напади од ваков обем одамна немало во Европа.

Водечки британски експерт за приликите во Шпанија денеска изрази сомнеж дека зад ваквите напади стои баскиската сепаратистичка организација ЕТА. Професорот Ентони Гуч нагласи дека не гледа ракопис на ЕТА, туку повеќе на Ал Каеда и други исламски групи. Токму од страв дека мрежата на Осама бин Ладен ги пренесува активностите на “стратиот континент“, денеска берзите реагираа нервозно и со опаѓање на курсевите за околу 3%.