1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Магнус Карлсен е нов светски првак во шах

Норвежанецот Магнус Карлсен е нов светскиот првак во шах. Со реми во 10-тата партија, овој 22-годишен шаховски велемајстор го победи досегашниот носител на титулата светски првак, Висванатан Ананд.

По 65 потези, со реми заврши десеттата партија меѓу Магнус Карлсен и Висванатан Ананд во индискиот град Ченаи. И тоа му беше доволно на Норвежанецот да го смени Ананд на тронот. Новиот светски првак во шах го победи 43-годишниот противник од Индија со 6,5:3,5 поени.

„Многу сум среќен што победив. Беше тешко, но чувството е убаво“, изјави Карлсен. „Ананд е еден од најголемите играчи во историјата. Беше чест да се игра против него“, рече младиот Норвежанец.

Ананд, кој е светски првак уште од 2007 година, во текот на дуелот загуби три партии поради грешки. За да не ја загуби титулата, мораше да победи трипати во серија. Сепак, во 10. партија, по речиси четири часа и 45 минути игра, на таблата стоеја само уште кралевите, што значеше нерешено, односно за Ананд - губење на титулата. „Се обидов да играм и направив грешка. Тоа се провлече низ целата партија“, оцени Ананд.

Карлсен, кој касираше речиси милион евра, е еден од најмладите светски прваци во шах во историјата. Русинот Гари Каспаров во 1985 година стана светски првак исто така на 22-годишна возраст. Карлсен, меѓутоа, сега е неколку месеци постар отколку Каспаров тогаш.