1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Магла над ДИК: за кого е отворена истрага?

Катерина Блажевска 17 февруари 2016

Сомневањата за инволвираност на актуелни членови на ДИК во изборни нерегуларности мора брзо да се расчистат за да може Комисијата да работи со полн морален и професионален капацитет, велат сегашни и бивши членови на ДИК

https://p.dw.com/p/1HwZB
Фотографија: Agentur MIA

Магла и сомнеж надвиснаа над Државната изборна комисија, откако Специјалното обвинителство минатата недела соопшти дека е „отворена истрага и против четири членови на ДИК од 2013 година, за кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“, од член 353 од Кривичниот законик. СЈО не соопшти други податоци, но неофицијално се дознава дека некој/и од нив се и во сегашниот состав на Комисијата.

Со оглед дека Македонија е пред избори, без разлика дали тие ќе се одржат во договорениот датум или ќе се одложат, останува отворено прашањето: како ДИК ќе ги спроведе изборите доколку е нарушен кредибилитет на еден член или на дел од нејзиниот персонален состав со сомнение за изборен криминал?

Овие сомневања мора брзо да се расчистат, вели адвокатот и поранешен претседател на ДИК, Александар Новаковски. Тој потсетува дека пред овој состав на ДИК претстои сериозна работа, не само околу техничко организирање на изборите, туку тој треба да даде и релевантна и издржана оценка за подготвеноста да се одржат избори на датумот предвиден со пржинскиот договор.

„Со надлежностите кои ДИК ги доби, секоја негова одлука ќе биде суштинска и ќе биде дочекана со недоверба од која било страна, имајќи предвид колку голема недоверба е створена во изборниот процес и, секако, во изборните органи. Доколку постојат сомневања за сторени кривични дела поврзани со изборите од актуелни членови на ДИК, а се однесуваат на претходни избори, тоа уште повеќе може да ја зголеми недовербата во ДИК како орган кој е задолжен да ја штити законитоста на изборниот процес. Од тие причини, во држава во која владее правото, овие сомневања мора брзо да се расчистат, а ако има одредени постапки - тие да имаат приоритет. За тие лица важи принципот на пресумпција на невиност, но имајќи ги предвид кратките рокови до изборите, одговорност мора да покажат сите, за да се разрешат овие дилеми во јавноста и за да може Комисијата да делува со полн морален и професионален капацитет“, укажува Новаковски.

Mazedonien Anklage der Sonderstaatsanwältin Katica Janeva
СЈО соопшти дека е отворена истрага о против членови на ДИК од 2013 годинаФотографија: DW/P. Stojanovski

Нема информации

Но, ова не е единствениот проблем надвиснат над Комисијата. Доколку изборите се одржат на 24 април, а опозициската СДСМ реши да ги бојкотира поради оценка дека не се исполнети условите за фер избори, сосема е извесно дека таа партија ќе ги повлече нејзините членови од ДИК. Што во таков случај? Според Новаковски, проблемот нема да биде во бројката на членови на ДИК, туку во намалента конкурентност.

„Доколку опозицијата не учествува на изборите, тоа ќе биде голем удар за идните демократски процеси, посебно што тие избори ќе бидат одржани без партиите кои и ги покренаа овие политички процеси, тие кои беа иницијатори за создавање техничка влада и за нов состав на ДИК, и дадоа согласност за тоа. Со евентуалното неучество на опозицијата и неподнесувањето листи на кандидати, ќе биде сериозно намаленa конкурентноста, како и правото на избор. Но, посебно ќе биде загрижувачко сознанието дека не се остварил еден од клучните услови од Договорот Пржино, односно дека нема да дојде до разрешување на политичката криза. При таков развој на настаните, повлекувањето на членовите на ДИК ќе биде ирелевантно. Комисијата ќе може да работи и одлучува и без два члена“, вели Новаковски.

Во недостиг на информации, во ДИК не се зборува за наводите од Специјалното обвинителство.

„Немаме никаква информација за тоа. Во Комисијата не сме разговарале, бидејќи ништо не знаеме и тоа не е тема што може да се стави на дневен ред“ вели Субхи Јакупи, член на ДИК на предлог на ДУИ. Четири членови од претходниот состав на ДИК се и во новиот состав на Комисијата, што ги разгоре шпекулациите за лице или лица опфатени со истрага. Според законската регулатива, на член на ДИК му престанува мандатот во Комисијата ако е правосилно осуден со казна затвор над шест месеци. Членови на ДИК велат оти немаат информација дека некој од сегашниот состав бил повикан на разговор во врска со кривични дела поврзани со претходни избори и затоа нема што да коментираат или прогнозираат.

„Во овој момент не останува ништо друго освен да се почитува принципот на пресумпција на невиност“, вели Јакупи, кој пред две години се стекна со научен степен доктор на правни науки на УКИМ, токму со дисертација на тема „Изборните нерегуларности на парламентарните избори во 2006, 2008 и 2011 година во Република Македонија“.

Тој вели дека во докторскиот труд презентирал над 40 начини за извршување изборни нерегуларности, во кои 80 отсто од сторителите биле мажи, а 20 отсто жени, на возраст меѓу 25 и 40 години. Според степенот на образование, 20 отсто од нив имале високо, 50 отсто средно и 30 отсто основно бразование. Имајќи го предвид искуството од обемното истражување, Јакупи денес ги компарира разликите меѓу изборните цикуси според нерегуларностите што ги карактеризирале нив.

„За разлика од изборните циклуси во 2006 и 2008 година, кога имаше физичко насилство, од 2011 година се преминало на софистицирани методи. Од тогаш до денес методите се слични и не се сменети, и се повторуваат од циклус до циклус. Најдоминантни се притисоците врз администрацијата и купувањето гласови“, вели Јакупи, и потенцира дека од огромна важност е подобрувањето на избирачкиот список и достигнување на други стандарди, за кои се добиваат забелешки по секои избори. Тој смета дека со евентуално повлекување на двајца членови, ДИК ќе може да функционира и со седум членови, но се надева дека тоа нема да се случи.

„На изборите во Албанија, од седум членови тројца се повлекоа. Комисијата ги спроведе изборите со четири членови“, укажува Јакупи.

Mazedonien Amtsgericht in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

(Не)извесна оценка

Исполнувањето на изборните стандарди ќе биде посебен тематски дел од комплексната евалуација што ќе ја спроведат домашни и странски експерти, за да се изгради оценка дали се исполнети условите за одржување фер избори на 24-ти април. Еврокомесарот Јоханес Хан објасни од што ќе зависи севкупната оценка.

„Тоа зависи од оценката на меѓународните институции и на Државната изборна комисија за подготовките, односно од зрелоста на подготовките за изборите. А потоа тие ќе треба самите да одлучат“, изјави Хан.

На крајот, одговорноста за одлуката кога ќе има избори, им останува на лидерите рече шефот на холандската дипломатија, Берт Кундерс.

„В петок ќе излезе извештај на ЕУ и на САД. Мислам дека е апсолутно витално да има напредок во деловите како прочистување на избирачкиот список и медиумите и крај на заробеништвото на државата со раздвојување на политичките партии и државата. Јасно е дека е одговорност на политичките партии да го одлучат денот на изборите“, рече Кундерс.

Досега ниту еден од споменатите услови не се исполнети.

Од ВМРО-ДПМНЕ потенцираат дека датумот за избори е заеднички договорен и треба да се почитува. Од СДСМ одговараат дека за датумот на избори не решаваат партиите, туку времето што останува за прочистување на избирачкиот список, односно дали ДИК ќе стигне да ги заврши тие обврски до законските рокови. Од ДИК најавија дека процесот на вкрстување на податоци ќе почне денеска. Засега никој не може да предвиди колку спорни записи ќе се утврдат во тој процес, по што ќе биде потребна и теренска проверка, ниту пак колку време таа би траела.