1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Магистри во битка за најполитичкиот град - Штип

Илчо Захариев, кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и неговиот противкандидат од СДСМ, Здравко Коцев, во своите првични обраќања еден за друг искажаа почит и пофални зборови.

Магистер фармацевт и магистер по безбедност, со позитивна кампања ќе се борат за довербата на граѓаните во општината во која се родени најголемиот број македонски политичари. За Илчо Захариев, кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ и за неговиот противкандидат од СДСМ, Здравко Коцев, освојувањето на „најполитичкиот град" во Македонија, е посебен и огромен предизвик.

Општината какоаптека"

М-р Илчо Захариев на штипската и пошироката јавност и' е познат како долгогодишен директор на Бирото за лекови, а двегодишното претседателствување со Советот на општина Штип (2005-2006) го смета за значајно искуство во локалната власт.

„Повеќе од 30 години се вложувам во Штип. Нема граѓанин кој не ме познава, на кој не сум му помогнал, дури и кога проблемот не бил во моја надлежност. Им припаѓам на едноставните луѓе, а нив ги има најмногу. Како што граѓаните во земјава ги почувствуваа ефектите од мојата работа преку поевтини лекови и проширени позитивни листи, така и моите сограѓани ќе ги почувствуваат придобивките од моите визии за општината", ветува Захариев.

Најавува дека општината ќе ја среди како „аптека" и дека наскоро сите патишта ќе водат кон Штип. На списокот на негови проекти е привлекувањето странски ивстиции, гасификација во рок од 2 години, нова клиничка болница и уредување на коритото на Брегалница, која неодамна се излеа и го поплави градот. Ветува изградба на дом за студентите на универзитетот „Гоце Делчев" и дом за стари лица. Од разговорот со сограѓаните, утврдил три приоритети: намалување на невработеноста, решавање на комуналните проблеми во околните села  и изградба на спортски терени и пензионерски катчиња. „Визијата на секој граѓанин денес е вградена во мојата програма", вели кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ.      

Нов сјај на градот

И неговиот противкандидат од СДСМ, м-р Здравко Коцев, најавува мноштво проекти за развој на општината. Некогашниот борач од клубот „Балканец", професор по физичка култура и магистер по безбедност, 20 години бил професор, во еден период директор на училиштето „Ванчо Прке", а раководел и со комуналното претпријатие „Исар".

„Многу години поминав во локалната самоуправа и се чувствувам компетентен да му дадам на градот нов сјај. Граѓаните знаат каков беше ефектот од мојата работа кога бев директор на 'Исар'. Искуството што го имам во локалната власт, заедно со поддршката од граѓаните, е добитна комбинација за развој на општината", вели Коцев. Најавува гасификација, нов мост што ќе ја поврзе населбата Сењак со индустриската зона, уредување на кејот на Брегалница со спортски терени, уредување на коритото на реката Отиња, нов градски стадион, дом за стари лица, проширување и хортикултурно уредување на влезовите во градот, катна гаража, реконструкција на фасадите и проекти од рекреативен и културен карактер. Коцев во јавноста остана запаметен и по тоа што на претходните избори како кандидат за градоначалник на СДСМ освои речиси двојно повеќе гласови од советничката листа на неговата партија. На почетокот на оваа кампања доби кривична пријава за „попречување службено лице" при неодамнешен инцидент пред полициската станица во Штип. „ВМРО-ДПМНЕ го злоупотребува МВР за партиски цели", оцени Коцев и најави дека таквите притисоци го прават посилен.

Stip Mazedonien

Најголем проблем во општината засега е недостапноста до примарна здравствена заштита, велат граѓаните (фото архива, 2008 година)

Штипјани задоволни од кандидатите

Граѓаните велат дека нема да имаат лесен избор, бидејќи и двајцата кандидати биле почитувани и докажани во својата професија, но сепак, најголем впечаток им оставила политичката култура на Захариев и Коцев. „Во првичното обраќање, еден за друг искажаа почит и пофални зборови, што денес ретко се случува и тоа е најголема победа, без оглед кој ќе ја добие функцијата", коментираат штипјани. Според нив, најголем проблем во општината засега е недостапноста до примарна здравствена заштита. „Освен во селото Три чешми, во ниедно друго нема амбуланта, дури ни патронажна служба. Во селата под Плачковица нема водовод и канализација, а во 21 век без вода е тешко да се живее", велат жители од околните села. Граѓаните очекуваат да биде изграден и локалниот пат Штип-Конче за поврзување со браната Мантово, чија изградба со меѓуопштински договор е обврска на општина Штип.

Во битката за градоначалничката функција учествува и правничката Марика Чанева од СДПМ, а поднесена е и независна листа на советници поддржана од група граѓани, чиј носител е Раман Демиров.