1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Луѓето на Чаушеску остануваат во фотелји

Во Романија на некогашните комунистички функционери би требало да им биде забрането извршување на јавни и политички функции. Но, законот за лустрација усвоен дури минатата недела многумина го сметаат за обична фарса.

Законот би требало на поранешните високи функционери во комунистичкиот режим да им забрани извршување јавни и политички функции на период од пет години. Законот е донесен 22 години по падот на диктатурата на претседателот Николае Чаушеску. Но, тоа е само една од бројните „занимливости“ на новиот закон, којшто треба да придонесе за пресметка со крвавото комунистичко минато.

Така, првично на списокот личности се најдоа и поранешни челници на комунистичката младинска организација УТЦ. Дури по изгласувањето на законот, претставниците на владиното мнозинство во парламентот се сетија дека новоизбраниот романски премиер Михаи Разван Унгореану од 1985-та до 1989-та година бил кандидат на централниот комитет на УТЦ, што би значело дека и тој сега би требало да поднесе оставка.

Но, наместо тоа, набрзина се повтори гласањето за законот, од кој по итна постапка е избришана одредбата за УТЦ. Некогашниот висок функционер на комунистичката младина смее да остане премиер.

Rumänien Neue Regierung von Parlament bestätigt

Пратениците се сетија дека со новиот закон оставка ќе мора да поднесе и новиот премиер Михаи Разван Унгореану

Смешен и бескорисен закон

Предлогот на овој закон и во пресрет на донесувањето доживеа бројни промени. Во првобитната верзија на поранешните комунистички функционери и офицери на озлогласената тајна служба Секуритате им се забрануваше избор и именување на јавни и политички функции. Во прифатениот текст на законот забраната за именување остана, но се дозволи изборот. Таа фина нијанса во пракса значи дека некогашните функционери не можат да бидат именувани, на пример, на должност шеф на некој државен орган, но ќе можат и понатаму да се кандидираат на парламентарни и претседателски избори.

Поради таквите одредби, како и поради фактот дека законот, за многумина, стаса 22 години подоцна, коментарите во романските медиуми се полни со остри критики. Како „смешен и бескорисен“ го нарече овој закон дневниот весник „Романиа либера“, додека весникот „Адеварул“ пишува: „По рушењето на Чаушеску, поранешните партиски апаратчици и офицери на Секуритате ја презедоа власта и ја променија Романија. По 22 години тоа не може да се промени“.

Nicolae und Elena Ceausescu

Николае Чаушеску и неговата сопруга Елена беа стрелани по одлука на судот, веднаш по симнувањето од власт

По падот на комунизмот романското општество гласно бараше лустрација, односно исклучување на поранешните слуги на диктатурата од политичкиот живот на ограничено време. Тоа никогаш не се спроведе во дело. Нацрт законот за лустрација за првпат беше поднесен во парламентот во 2005-та година. За негово усвојување требаа пет години.

Но, непосредно пред стапување во сила, Уставниот суд го прогласи за противуставен. Новата верзија ги разочара дури и оние што работеле на неговиот текст. Историчарот Мариуш Опера вели дека и таквиот закон е подобар од ништо, но додава дека сепак тоа не е она што го сакаа авторите. Како причина за донесувањето на законот токму сега тој ги наведува парламентарните избори, кои ќе се одржат оваа година.

Претседателот Трајан Басеску и неговата владејачка Либерално-демократска партија сакаат да се постават како борци против комунистичкото наследство. Испитувањата на јавното мислење покажуваат дека две третини од граѓаните сметаат дека настаните за време на рушењето на комунизмот не се во целост разрешени, како и дека виновниците за смртта на повеќе илјади луѓе за време на протестите во 1989-та година никогаш не се казнети.

Автор: Кено Ферзек / Александар Методијев

Редактор: Жана Ацеска