Луѓето кои ја бранеа човечноста | Свет | DW | 20.07.2013
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Луѓето кои ја бранеа човечноста

Пред точно 69 години голема група завереници изведе неуспешен атентат врз Адолф Хитлер. Овој обид главно се поврзува со Клаус фон Штауфенберг, но една книга ги расветлува сега приказните и на некои непознати завереници.

Процесот против атентаторите пред злогласниот Народен суд на националсоцијалистите бил првокласна фарса. Претседателот на судот Роланд Фајзлер имал директна наредба од Хитлер да им ги симне главите на затворениците, но покрај животот, да им го одземе и секое достоинство. Меѓу четворицата луѓе кои седеле на обвинителната клупа на 7 и 8 август 1944 година бил еден од најмладите завереници против Хитлер, Фридрих Карл Клаузинг. Претседателот на судот, Фајзлер, никако не можел да разбере дека Клаузинг токму поради достоинството се вклучил во опасната завера против Хитлер.

Buchcover Stauffenbergs Gefährten Antje Vollmer Lars-Broder Keil

Корицата на книгата за заверениците против Хитлер

Судбини на десетмина непознати

Клаузинг е еден од дури две илјади луѓе кои на каков било начин учествувале во побуната. Меѓу нив, 200 набрзо биле погубени, од нив голем број видни офицери и политичари. Во акциите кои следеле, биле ликвидирани речиси 5 илјади припадници на Движењето на отпорот. Меѓутоа, за Клаузинг и стотиците други завереници малку се знае. Јавноста денес бунтот често го поврзува само со полковникот Клаус фон Штауфенберг, кој го внесол експлозивот во Хитлеровата Волчја јама, команден бункер кај Растенбург, денешна Полска.

Фотографијата на досега малку познатиот Клаузинг сега се наоѓа на кориците на книгата „Сопатниците на Штауфенберг, судбината на непознатите завереници“.

„Оваа фотографија ги илустрира напорите на затворениците, но и нината општествена осаменост. Тоа секако не е фотографија на херој“, вели коавторката Антје Фолмер. Таа 11 години беше потпретседател на Бундестагот и четири години пратеник од Партијата на зелените. Заедно со новинарот Ларс-Бродер Кајл, таа ја раскажува судбината на десет непознати зевереници, меѓу нив и на Фридрих Карл Клаузинг.

„Нему му било посебно тешко, зашто доаѓа од семејство на убедени националсоцијалисти, од кое морал да се дистанцира“, вели Фолмер.

Misslungenes Attentat auf Hitler 1944 in der Wolfsschanze

Маршалот Геринг (во светла униформа) во увид на размерите на уништувањето во салата за состаноци, архива

Можеше да успее

Кајл раскажува за неблагодарната положба на мрежата на завереници:

„Атентаторите чувствувале дека се малцинство, дека државниот удар ќе ги остави на ветрометина. Тие знаеле дека мнозинството сонародници нема да го поздрави нивниот потег“.

И покрај тоа, неистомислениците на Хитлер разграниле мрежа низ цела земја, составена од војници и цивили. Не се работело само за убиството на еден тиранин, туку за промена на целиот режим.

„Постоеле планови за цивилна преодна влада“, вели Кајл. Тогаш дошол 20 јули 1944 година. Тоа не бил пиратски јуриш, туку добро осмислена акција. Авторите на новата книга, по обемните истражувања, тврдат - целиот план за промена на режимот можел да успее, но под услов Хитлер тој ден да бил убиен. Но, диктаторот бил само лесно повреден по детонацијата на експлозивот, кој Штауфенберг го поставил под масата на која Хитлер и воениот врв ги разгледувале плановите за продолжување на војната.

Денес атентатот се потценува

Во последните децении се‘ почесто се слушаат мислења дека „јулските завереници“ лошо го испланирале и аматерски го извеле атентатот.

„Тоа не е точно“, категорична е Фолмер.

Politikerin Antje Vollmer Autor Lars-Broder Keil Stauffenbergs Gefährten Buch

Анте Фолмер и Ларс-Бридер Кајл

„Битно е да се сфати дека во тој период само уште околу 200 луѓе имале пристап до Хитлер. Диктаторот станал многу неповерлив“.

Авторката смета дека планот за соборување на Хитлер денес се потценува, иако тоа била најсериозна акција со реални шанси земјата и светот да се ослободат од Хитлер и неговите соработници.

Книгата за малку познатите завереници прво требало да има наслов „Десет праведници“, работен наслов кој потсетува на старозаветната приказна за Аврам, кој се обидел да ги спаси Содома и Гомора од уништување. Господ ветил дека нема да ги уништи градовите ако во нив се најдат барем десет праведници, но Аврам не можел да ги најде.

„Работниот наслов требаше да го илустрира фактот што заверениците против Хитлер биле само капка во морето соработници и симпатизери на режимот“, објаснува Антје Фолмер. Таа додава оти денешната генерација мора да ја препознае жртвата на овие луѓе, кои ги прифатиле сите последици за себе и своите семејства за да ја срушат диктатурата.

„Тоа биле луѓе кои ја бранеле човечноста, кои се дигнале во бунт поради своите убедувања, иако успехот бил несигурен“, заклучува Фолмер.