1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Лустрацијата стопирана за некои категории лица

Уставниот суд на Република Македонија денеска (25.01) донесе одлука со којашто ја стопираше лустрацијата за поранешните функционери, новинарите, членови на разни организации, адвокати и медијатори.

default

Уставниот суд поведе постапка за 12 оспорени членови од Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција, односно за лустрација. Образложението на судот е поради тоа што физичките лица што ги извршуваат дејностите, како што се новинари, поранешни политичари, свештени лица или членови на невладини и други организации, не се носители на јавни функции, и според уставните судии со тоа се навлегувало во моралниот интегритет и достоинство на лицата. Според судот, во ситуација кога поранешните функционери не се кандидати ниту носители на јавни функции се ставаат во нееднаква положба со оние кои се кандидати или вршители на јавна функција. За поранешните функционери ќе се преиспитува и одредбата според којашто оние кои нема да поднесат изјава, треба да платат 3.000 до 4.000 евра казна. Стопирањето на лустрацијата за организациите, во кои спаѓаат невладините организации, верските заедници, па дури и партиите, судот ја образложува со тоа што на граѓаните им е загарантирана слободата на здружување заради остварување на нивните економски, политички, социјални и културни права.

Новинарите, според уставните судии, не се носители на јавна функција и со барањето за нивна лустрација, според нив, се навлегува во моралниот интегритет, достоинството. Во оваа категорија спаѓаат основачите на трговски радиодифузни друштва, новинари, уредници, непрофитни радиодифузни установи, новинарите вработени во печатени медиуми, адвокатски и медијаторски друштва. Судот ќе ја преиспитува и одредбата којашто предвидува вработените во медиумите да достават изјава дека не соработувале со тајните служби при вработувањето. При расправата, оваа одредба за новинарите Уставниот суд не ја оспори, но мнозинството од судиите одлучило дека и оваа одредба е спорна и поведе постапка и за неа. Уставниот суд, исто така, го оспори и времетраењето на Законот, бидејќи во него не било прецизирано, до кога трае овој процес. Се очекува Уставниот суд да донесе конечна одлука за оспорените одредби од законот за лустрација за околу два месеци.

Автор: ЕМФ/макфакс

Редактор: Ж. Ацеска