1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Лулинг: Немам разбирање за позицијата на Грција

ЕУ пратеничката Астрид Лулинг за ДВ зборува за процесот на проширување на ЕУ кон Балканот. Лулинг е на мислење дека не смее да и се блокира патот на Македонија кон ЕУ поради проблемот со името.

Луксембуршката европратеничка од редовите на народните партии Астрид Лулинг, отворено признава дека не ги познава добро земјите од Балканот, иако тие со својата бурна историја по многу наликуваат на нејзината родна земја, која се наоѓа во делот на Европа, во кој често во историјата се менувале границите, државите и се воделе крвави војни.

„Сега по несреќната војна, која се случи во поранешна Југославија, мислам дека земјите кои произлегоа од неа, но исто така и ние, сфативме дека тие и припаѓаат на Европа. Се разбира има уште многу пат да се изоди, за ние и исто така тие бидат подготвени, но мислам дека иднината на овие земји е во Европската унија“.

На прашањето дали Европа денес е подготвена да прими нови земји членки, Астрид Лулинг вели: „Признавам дека имаме проблеми сега кога сме 27 земји членки и наскоро со Хрватска 28, но ние уште порано рековме пред големото проширување во 2004 година, потребно е да се продлабочи ЕУ пред да се проширува. Тоа не го направивме, тоа не доведе да имаме проблеми. Гледајте што се случува во Романија, незамисливо во една земја членка на ЕУ да дојде скоро до пуч. Сепак мислам дека ЕУ треба да се проширува. Но, за да го постигнеме тоа, потребно е да му се даде време на времето, како што велеше Франсоа Митеран“.

Македонија е европска земја

Во однос на евроинтеграцијата на Република Македонија за Лулинг, блокадата од страна на Грција поради името е неразбирлива.

„Можам да ви речам дека немам разбирање за овај проблем. Не гледам зошто Грција го прави сето ова само околу името. Јас не можам да го разберам тоа. Како што реков не сум специјалист за Балканот, но сепак мислам дека за жал сето ова околу името е претерано. Македонија е земја која има европска вокација и таа е европска земја. Значи, поради овие причини таа не треба да се блокира во евроинтегративните процеси“.

Конкретно таа го дава и примерот со Луксембург, кој истовремено е држава и регион со исто така бурно минато како Македонија.

„Во 19. век кога Луксембург беше војводство ја изгуби провинцијата (регионот) Луксембург. Тогаш, кога станавме Големо војводство станавме многу помали. Сепак ние добро се извлековме од тоа. Денес ние не ја бараме назад провинцијата Луксембург од Белгија или пак Ајфел од Германија, тоа не значи многу во ЕУ. Во ЕУ повеќе нема граници и ние имаме добри односи со нашите соседи. Доволно е да се знае дека секое утро 160.000 лица доаѓаат од соседните земји на работа во Луксембург. Без нашите соседи, Луксембург не би можел да постои“.

На Европа и недостасуваат политичари - визионери

Астрид Лулинг верува и има надеж во иднината на Европа. „Се надевам дека ќе го зацврстиме она што го имаме, европската конструкција и заедничкиот пазар. На тоа треба да се работи, ние имаме средства за тоа. Многумина зборуваат за Соединети Европски Држави, јас не верувам дека тоа ќе го постигнеме толку многу брзо, но ако продолжиме со европската интеграција, како што тоа го правевме во изминативе педесет години. Ако одиме напред со повеќе Европа, со зацврстување на заедничкиот пазар, јас се надевам дека ќе успееме, но потребно е да бидеме следени од политичарите, ние во ЕП имаме мнозинство да одиме кон поголема европска интеграција. Но потребно е државите членки да не’ следат“.

На крајот од разговорот луксембуршката европратеника изразува жалење бидејќи според неа „на Европа и недостасуваат визионерски личности“.