1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Лоши времиња за лоши менаџери?

Кога во претпријатието нешто тргне наопаку, порано потрагата по виновникот се одвиваше зад затворена врата. Сега осомничените сѐ почесто се соочуваат со судски процес.

Томас Миделхоф требаше да биде спасител на синџирот стоковни куќи „Карштат“, а сега мора во различни судски процеси да се спасува самиот себе си. Тој 4 години беше шеф на „Аркандор“ (претходно „КарштатКвеле АГ), концерн на кој му припаѓаше и „Карштат“, и спроведуваше строг курс на санација. Притоа ги продаде и објектите на „Карштат“ за да ги намали долговите на концернот. На почетокот од 2009 година мораше да си замине, а „Аркандор“ малку подоцна пријави стечај. Мидлхоф, сепак, доби сепак бонус-исплати и отпремнина во милионски износи.

Неправда? Да, со судско решение Мидлхоф мораше да врати дел од парите. Но, тоа е само една точка од правната обработка на банкротот на „Аркандор“. Направил ли менаџерот грешки при санацијата, за кои би морал да се појави како гарант за штетата? Минатата година еден суд одговори потврдно - барем делумно. Сега постапката се одвива кај повисока инстанца.

Извесен ризик мора да е дозволен

Миделхоф не е единствениот менаџер кој се најде на суд под такви обвиненија. Во моментов се во тек и процеси против врвни раководители на две банки. Притоа, постојано се врти зборот проневера, поим кој е широко дефиниран, поради што е тешко да се дојде до пресуда.

Според овдешната правна дефиниција, проневера е кога нема совесно однесување со туѓ имот. До одреден степен тоа е прашање како ќе се протолкува, оти не е одбивно претприемач да влегува во ризик - ако верува дека долгорочно ќе се исплати за фирмата, тој треба, дури и мора да го стори тоа.

Еден од првите големи стопански процеси беше „случајот Манесман“. Јозеф Акерман, тогаш прв човек на Дојче Банк, и Клаус Есер, шеф на концернот „Манесман“, беа обвинети за проневера и укажување помош при проневера. Во прашање беа околу 60 милиони евра исплатени како премии по преземањето на „Манесман“ од страна на „Водафон“.

Обвинетите се согласија да платат одредена сума пари, а за возврат постапката беше запрена. Останува во сеќавање гестот на триумфализам на Акерман по излегувањето од судската сала, како и неговите зборови: „Ова е единствена земја на светот, во која оние кои се успешни и создаваат вредност, поради тоа се изведени пред суд“. Обете работи станаа симбол за наводната ароганција на врвните менаџери. И пресудата беше многу критикувана, се спомнуваше „класно правосудство“, во кое со врвните менаџери се постапува попопустливо отколку со остатокот од населението.

Ако има бонус, постои ли и некаков менаџер-малус?

По процесот „Манесман“ не дојде до потемелна промена на законските одредби за одговорноста и личните гаранции на менаџерите. Мартин Шокенхоф од адвокатската канцеларија Глајс Луц ги објаснува зачестените судски постапки поради проневера со променетиот став на општеството кон такви деликти. Менаџерите се повнимателно набљудувани, меѓу другото и од медиумите.

Symbolbild Burnout

Се бара праведна казна за менаџерска грешка

Со тоа се согласува и Јерг Ајзеле, професор на правниот факултат во Тибинген: „За правосудството секако улога игра и чувството во општеството, дека врвните менаџери не треба едноставно да се извлечат кога се во прашање високи износи на настанатите штети.“ Според него, никој не сака да се изложи на прекор дека стопанските босови или истакнати лица не се гонети со иста строгост како и обичните граѓани. „Мора да прифатиме дека ќе не мерат според тоа дали кај големите имиња ќе дојдеме до исти соодветни пресуди, како и кај непознати криминалци“, изјави за „Зиддојче цајтунг“ пред неколку месеци Ханс Рихтер, раководител на одделот за стопански престапи во обвинителството во Штутгарт.

Значи, судиите и обвинителите запаѓаат под притисок од страна на јавното мислење? Такво нешто исклучува правникот Уве Х. Шнајдер, поранешен професор на универзитетот во Дармштат, а сега советник на адвокатска канцеларија специјализирана за правни прашања на гаранциите. Некои постапки се одолговлекуваат поради компликуваноста на стопанските казнени дела. Шнајдер смета дека посебно точно мора да биде проверено сомничењето за проневера на чесни стопанственици или граѓани, оти е „многу сериозно обвинение и може да ги одведе в затвор.“