1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Лоцирањето на мотивот води до убијците

Ако се прифати тезата дека станува збор за случајни жртви, тогаш убијците сакале да испратат одредена порака. Експертите ја отвораат дилемата: Дали лустрацијата и ги врзува рацете на полицијата токму во вакви случаи?

Петкратното убиство е едно од најтешките злосторства со кои се соочила македонската полиција. Додека истрагата ја плете мрежата околу извршителите се’ погласни стануваат прашањата за мотивот на свирепата егзекуција што на велики четврток се случи во близина на Скопје.

Сведоци, случајни жртви или конкретна цел?

Дали момчињата и повозрасниот рибар виделе нешто што не смееле да видат, или пак се нашле на погрешно место во погрешно време? Ако се прифати тезата дека се случајни жртви, тогаш каква порака сакале да испратат убијците? Дојче веле побара мислење од експерти по криминалистика. Универзитетските професори Фросина Ременски и Владимир Пивоваров го анализираат овој случај според теоријата и досегашната злосторничка пракса.

„Бидејќи се работи за тешко кривично дело, пет убиства на еден простор од стотина метри, верувам дека се оставени безброј траги кои ќе бидат пронајдени и нормално добро обработени, ќе биде можно да се пронајдат сторителите. Но, она што загрижува се оперативните врски. Законот за лустрација доведе полицијата да дојде во една нерамноправна положба во борбата против криминалците, затоа што главниот инструмент за прибирање на сознанија од вербален карактер полицијата веќе го нема“, објаснува професор Владимир Пивоваров.

Од првиот момент по убиството надлежните апелираат да не се извлекуваат заклучоци што би можеле да кренат тензија меѓу граѓаните. Полицијата беше категорична, дека според досегашните сознанија не може да се каже оти станува збор за меѓуетнички мотивирано злосторство.

Ременски: Убиството е порака

Професорката Фросина Ременски од Полициската академија вели дека се можни и други верзии.

„Според мене ова е порака, а можеби и одвраќање на полицијата од намерата за спроведување докрај на акцијата ’Детонатор’. Ако се анализираат изјавите од МВР, дека сите напори се насочени кон расветлување на овој случај, тоа значи дефокусирање од друга криминилистичка истрага која била во тек“, објаснува Ременски.

Blockierte Autobahn nach Tod von 5 Menschen in Mazedonien

Македонската полиција исправена пред тежок случај

Пивоваров: Македонија станува опасно место за живеење

Со оглед на изборот на локацијата на која што е извршено убиството многу е веројатно дека убијците планирале да ја напуштат Македонија по масакрот.

„Временскиот период од убиството до пронаоѓање на телата и излегување на полицијата на терен е доволно сторителите да заминале од државата“, вели Ременски.

Пивоваров предупредува: „Она што загрижува е фактот дека поради набојот на насилството и криминалот во Македонија ќе дојдеме во зоната на Колумбија или Мексиско. Ако навреме не се справиме со ваквиот вид на криминал, тогаш само Господ нека ни е напомош“.

Според последните информации од официјалните институции истрагата сериозно напредува, дефиниран е профилот на извршителите, но се’ уште не е нивниот број и идентитет.

Во четвртокот вечерта кај езерото во атарот на скопското село Смилковци, беа убиени четири момчиња на возраст од 18 до 20 години од скопската населба Радишани и 45-годишен маж од село Црешово додека ловеле риба.