1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Лондон стоички го поднесе подмолниот удар

Велика Британија и особено престолнината Лондон и денеска е во вонредна состојба. Силите за безбедност се во повишен степен на готовност, а Министерот за внатрешни работи Чарлс Кларк предупреди од евентуални нови бомбашки напади.

Може ли нормално да се живее еден ден по бомбашките напади? Граѓаните на Лондон чекаат автобус.

Може ли нормално да се живее еден ден по бомбашките напади? Граѓаните на Лондон чекаат автобус.

Бројот жртви во вчерашните атенати во Лондон се искачи и официјално преку 50, посочи попладнево шефот на Скотланд јард, Јан Блер. Конечниот биланс не може уште да биде составен, бидејќи спасувачките екипи се‘ уште не можат да влезат во еден од тунелите на подземната железница, што може секој миг да се урне.

Ситуацијата во тунелот меѓу станиците Кингс крос и Расел сквер е особено тешка и опасна, појасни претставник на спасувачките екипи. Таму се уште заглавени последните вагони од подземната железница, врз кои беше извршен еден од бомбашките напади. Во преостаниот дел од вагоните во истиот тунел веќе се најдени телата на 21 жртва, така што бројот може уште да се зголеми. Меѓутоа во заглавените вагони во секој случај нема повеќе преживеани, тврди шефот на Скотланд Јард, Јан Блер. Сите преживеани од несреќата веќе се извлечени. Вкупниот број повредени лица изнесува 700, од кои 22 се‘ уште се борат за животот.

Блер оцени дека нападите носат јасен потпис на терористичка мрежа на Ал Каеда. Полицијата се уште нема индиции дека експлозијата во автобусот ја предизвикал атентатор самоубиец, но таквата опција не може ни да се исклучи, појасни Блер. Тој истовремено ги отфрли критиките во јавноста дека неговата и тајните служби направиле битни пропусти и ја превиделе опасноста. „Нападите навистина дојдоа како од ведро небо. Нашите тајни служби се многу активни, но индиции за овој напад немаа. Причината за тоа е меѓутоа и јасна: ние се обидуваме да најдеме две три многу зли игли во огромниот стог сено што го претставува мегаполисот Лондон„ – појасни шефот на Скотланд јард. Тој го повика наслението да им помогне на надлежните служби во истрагата со секакви информации, а истовремено на Лондончани им изрази голема почит за однесување во овие кризни моменти.

Британците навистина го поднесоа болниот удар со стоички мир, што меѓу народот е познат како „дух од Динкирхен„. Ова е термин што потсетува на една тешка загубена битка од времето на Втората светска војна во холандското место Динкирхен. „Дедо ми синоќа ми се јави на телефон и ми рече едноставно: мораш утре да одиш на работа„ – вели 36-годишната Сели Хиџисон, која навистина и покрај сите предупредувања на јавното претпријатие сите да останат дома кои не мораат по секоја цена да одат на работа, сепак замина денеска во дизајнерското студио во центарот на Лондон. „Дедо ми има 89 години и ги преживеа сите стравотии на Втората светска војна и тој вели оти е најважно и понатаму сосема нормално да се однесуваме.„ Инаку терористите ќе ја постигнат целта, имено да не‘ заплашат и да не покорат.

Но, нервите како кај службениците на полицијата, така и кај обичните граѓани се веќе на до крај. Сеќавањата на крвавите тела и замачканите лица што излегуваа од подземната железница се се‘ уште многу живи:

„Секако дека чувството е многу лошо да се влезе во подземната железница, ама што да правиме...„ - велат две млади жени кои и покрај стравот претпладнево сепак мораа со метрото да одат на работа.

Еден Лондончанец, меѓутоа, вчера беше толку блиску до едно од местата на експлозијата, што не му паѓа на памет да го користи јавниот превоз, туку тргна пешки на работа и тоа цел еден час:

„Тоа беше најстрашниот звук, што кога и да е сум го чул, тоа беше многу гласен тресок!„

Експертите проценуваат дека нападите најверојатно биле извршени со темпирани бомби. Во секој случај се препознава стилот на Ал Каеда, смета и Марк Томсон:

„Немаше никакви предупредувања, нападите беа извршени врз т.н. меки цели, значи незаштитени цивили и експлозиите беа временски речиси истовремени„ – појаснува овој британски експерт за тероризам и посочува истовремено и на писмото објавено во интернет, со кое една непозната група од милијето на Ал Каеда ја презема одговорноста за нападот.