1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Европа

Лондон и‘ се закани на Шпанија поради Гибралтар

Британската влада ја преиспитува можноста за преземање правни мерки против Шпанија поради заострените контроли на границата кон Гибралтар. Шпанија тврди дека контролите се легални и неопходни.

Во соопштението на Даунинг стрит 10 се изразува жалење околу најновиот случај со Гибралтар и однесувањето на шпанските гранични власти со воведувањето дополнителни контроли и долги задржувања на патниците и возилата при минувањето на гибралтарско-шпанската граница. Правната акција што ја најавува официјален Лондон, најверојатно би била тужба до ЕУ, што според претставникот на Даунинг стрит би бил „случај без преседан“.

Портпарол на шпанското Министерство за надворешни работи, пак, изјави дека Гибралтар не е дел од Шенгенскиот договор и дека Шпанија е обврзана на границата кон британската територија да прави контроли. Шпанскиот премиер Маријано Рахој во петокот (09.08) најави преземање мерки за одбрана на шпанските интереси. Тој нагласи дека ќе се преземат исклучиво „легални и соодветни мерки“.

Најновата кавга во 300 години стариот шпанско-британски спор околу Гибралтар избувна откако гибралтарските власти почнаа да градат вештачки брег во влезот на малиот залив, за да го блокираат „насилното влегување“ на шпанските рибари во територијалните води на Гибралтар. Шпанските власти реагираа со заострени контроли на границата, кои предизвикаа километарски колони и задржување на луѓето со часови.

Гибралтар и‘ беше даден на Велика Британија пред 300 години со Договорот од Утрехт. Шпанија смета дека полага право на оваа територија. Големо мнозинство од граѓаните на Гибралтар меѓутоа не сака да припаѓа на Шпанија.