1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Лондон и Вашингтон размислуваат за воена интервенција во Сирија

По наводниот напад со хемиско оружје во Сирија, Велика Британија и САД подготвуваат планови за можна воена интервенција во граѓанската војна. Дамаск во меѓувреме најави дека во случај на напад ќе се брани.

Британските сили за безбедност започнаа со соодветни подготовки, соопшти денеска владата во Лондон. В четрвток за натамошните чекори треба да гласа британскиот парламент. Имено британскиот премиер Дејвид Камерон (на насловната фотографија со американскиот претседател Обама - архива)преку Твитер најави дека в четвоток ќе има гласање во Долниот дом на парламентот во Лондон, кој во моментов е на летна пауза.

„Ќе има јасен владин поднесок и гласање за одговорот на Обединетото кралство на нападите со хемиско оружје“, напиша Камерон. Портпарол на премиерот претходно соопшти дека британските сили за безбедност работат на планови за можна воена интервенција против Сирија. Министерот за надворешни работи Вилијам Хејг ја одложи планираната посета на Шведска.

Покрај Велика Британија и САД размислуваат за воена интервенција. Ангажнманот на армијата најверојатно нема да трае подолго од два дена, пишува „Вашингтон Пост“. „Њујорк Тајмс“ објавува дека е можен напад врз воени цели во Сирија со крстосувачки ракети, кои би можеле да бидат истрелани од американски воени бродови од Средоземното Море. И двата весници се повикуваат на информации од владини кругови.

Сириската влада во случај на воен напад најави дека ќе го возврати ударот. „Ние ќе се браниме“, рече министерот за надворешни работи Валид ал-Муалим денеска во Дамаск. За тоа на располагање стоеле воени средства, кои би го „изненадиле“ светот.

Во Сирија бунтовниците ја обвинуваат армијата на владата дека во нападите со отровен гас во околината на Дамаск измината среда биле убиени повеќе од 1.300 луѓе. Сириското раководство меѓутоа за тоа ги обвинува бунтовниците. Инспекторите на ОН, кои треба да го испитаат случајот, денеска ја продолжија својата работа.