1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Лондон заговара шпионирање на граѓаните

ЕУ веќе им нареди на интернет и телефонските провајдери да снимаат одредени податоци. Но Велика Британија сака да оди и чекор понатаму. Владата предложи закон со кој ќе се снимаат податоците на сите граѓани.

Што се однесува до надгледувањето на своите граѓани, Велика Британија е веќе на светскиот врв: речиси два милиони камери ги следат Британците во чекор, а се очекува овој број да се зголеми двојно во следните години. Но Владата сака да оди и чекор натаму и да воведе поостри контроли и на интернет. И тоа за сите Британци, а не само за оние кои се осомничени за тероризам или за друг криминал.

„Историјатот на интернет страниците кои ги посетуваме, кажува многу за нечии политички афинитети, религиозни убедувања и многу други лични информации“, вели Рејчел Робинсон од организацијата за заштита на личните податоци „Либерти“.

Пристап до податоците за сите

Критичарите од „Либерти“ сметаат дека стотици надлежни ќе можат без проблеми да доаѓаат до овие информации, меѓу нив и здравствените власти, како и службите за вработување.

„На пример, телата вклучени во образование, тоа можат да бидат и локални совети, како и многу други локални организации кои всушност немаат никаква или сосема мала извршна улога, а притоа не се навикнати да имаат пристап до ваква моќ“, вели Робинсон.

Случаи како оној на Џени Патон се тие што ги вознемируваат активистите за заштита на личните податоци. Оваа мајка на три деца била следена со недели од надлежните во едно училиште кои се сомневале дека Џени Патон пријавила лажна адреса за да ги запише децата во нивното училиште.

„Агентот, односно човекот кој не‘ следеше, доаѓаше секој ден по два-три пати. Тој водеше сметка дали е запалено светлото, дали ’објектот’ влегол во автомобилот и кога ја напуштил куќата“, раскажува Патон.

Иако локалните власти мораат ваквите контроли да ги пријават пред суд, принципот останува: властите сега добиваат многу можности за шпионирање.

Камери и за ѓубрето

Бракнел Форест е мала заедница во близина на Лондон во која живеат околу 100 илјади луѓе. Менаџментот постави камери, за да спречува, меѓу другото, и нелегално фрлање ѓубре. Но и на полето на интернетот и телефонијата, раководителот на заедницата Пол Бетисон бара поголеми права за да се справува со лажните барања за социјална помош и нелегалните улични

продавачи.

„Во такви случаи нормално е да се следат луѓето, каде одат, со кого разговараат, со кого се среќаваат. Се разбира доколку знаете со кого зборуваат и на мобилен телефон, тоа ќе ви помогне да изградите правилна слика за тоа што го прават“, вели Бетисон.

Доколку мине владиниот предлог, во иднина локалните власти ќе знаат и кој со кого комуницира преку Фејсбук или Твитер, предупредува Робинсон:

„Нашата земја се движи во далеку поинаков правец од остатокот на Европа, и се‘ повеќе стануваме дел од спектрумот на авторитарните режими какви што можете да најдете во Зимбабве или Кина“.

Со оглед на острите протести, законот во моментов се преработува, а критичарите се надеваат дека граѓанските права ќе бидат подобро заштитени, за разлика од сегашниот предлог.