Локални избори во Србија: Гласаат убиените во поим | Информации и анализи за Балкан | DW | 04.03.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Балкан

Локални избори во Србија: Гласаат убиените во поим

Кампањата за локалните избори не беше за слаб желудник, но дури излезноста на гласачите во Белград ќе покаже дали граѓаните ја купија приказната за судбинската битка на опозицијата против Вучиќ.

На конвенцијата на партијата претседателот Александар Вучиќ, во пресрет на предизборниотмолк, уште еднаш им даде одишка на демоните кои го прогонуваат. „Тајкуните се здружиле“, рече, нудејќи ја како крунски доказ насловната страница на неделникот „Време“, на која под насловот „Сите на избори“ се гледа транспарентот „Но пасаран“. Тоа воедно беше и лајтмотивот на кампањата на „напредњаците“: Србија незадржливо ита кон напредок, изборите се само попатни, а тајкунскиот откопод сака да ја зграби градската каса и да не’ врати кон османлиско време.

Дали таа приказна стана веќе добар стар евергрин кој секогаш поминува? И како ќе изгледа следната насловна страница на „Време“?

„Тоа е прашање од милион долари“, вели Филип Шварм, одговорен уредник на неделеникот. „Ми се чини дека постојат изедначени шанси во самиот резултат, но многу поголеми шанси да формира влада има власта, затоа што СНС ќе има поединечно најголема листа за да профитира од Донтовиот систем.

Filip Svarm Redakteur Wochenzeitung Vreme (DW/N. Rujevic)

Филип Шварм

Ниту овој искусен новинар ниту другите соговорници на ДВ не можат да се сетат кога некои локални избори добиле толкаво внимание во медиумите, а теренот е израмнет како на него да ќе се поведе битка до последен здив. Опозицијата беше советувана од некои аналитичари да го направи гласањето референдум „за“ или „против“ Вучиќ. „Напредњаците“ без проблем се согласија со таа игра. Дури излезноста на изборите ќе покаже дали белграѓани ја купија приказната дека се работи за игра - се’ или ништо.

Ајкула која живее од избори

„Авторитарниот водач со своето авторитарно однесување ја предизвикува опозицијата всушност да се занимава со него“, објаснува социологот Јово Бакиќ. Во тој аспект оваа власт е слична на власта на Милошевиќ, со тоа што денешниот водач „буквално секој ден се појавува на телевизија и постојано дава нов материјал“. Тој додава дека „вистинската работа ќе беше опозицијата на изборите да се занимаваше првенствено со сплетките и криминалот на власта на белградско ниво, од Белград на вода па натаму.“

Шварм смета дека опозицијата немаше многу избор. „Вучиќ води политика како ајкула која мора постојано да плива за да не умре. Еднакво мора да ги добие изборите во Бела Паланка како и во Белград, парламентарните избори како и претседателските. Тој е заштитно лице за секоја пригода, никој друг не смее да отвора фабрики и да зборува нeшто интересно на телевизија, никој во СНС нема мислење освен Вучиќ. “

Serbien Belgrad (DW/N. Rujevic)

Пред белграѓани ќе се најдат дури 24 листи

Вучиќ во претходните месеци вложи голем дел од енергијата за автентично да одглуми дека изборите не го интересираат, како да се камче во чевелот кој треба да го истресе што побрзо пред да зачекори на црвениот тепих покрај Путин и Меркел и да разговара со сериозните чичковци кои отвораат работни места во Србија. Истовремено кочијашки ги затегна уздите на својата изборна кола до граница на пукање - секој билборд, секоја телевизиска секунда и секој милиметар рото-хартија мораа да му бидат по волја, активистите во бели ветровки мораа да чукнат на секоја врата и да го повикаат секој телефонски број.

„Не мислам дека белграѓани веруваат во Белград на вода или во распеаната фонтана на Славија како во мотори на прогрес. Напротив“, вели Филип Шварм. „Тие само се плашат дека утре може да биде полошо отколку денес. Граѓаните се убиени во поим и останаа без надеж. Прашањето на поддршка на СНС така се претставува како прашање на егзистенција - дали ќе останете без работа, дали ќе имате место во градинка или право на болнички кревет и скенер, па се’ до тоа дали ќе можете да држите тезга на пазар.“

Панаѓурско дефиле и евтини ветувања

Соговорниците на ДВ се согласни дека целата кампања била нефер. Бакиќ забележува дека имало „огромна несразмернст меѓу напредњаците, кои на располагање имаат се’ и сите останати, освен Ѓилас, кој очигледно во кампањата вложил лични средства. Без пари многу тешко може да се учествува во кампања, зашто дури и оние новинари кои ти се наклонети не даваат простор за бадијала.“

Jovo Bakic serbischer Soziologe (DW/N. Rujevic)

Јово Бакиќ

Пред Белграѓаните ќе се најдат дури 24 изборни листи, со што т.н. празник на демократијата повеќе личи на панаѓурско дефиле. Избирачот со потег на пенкалото може да им даде поддршка на луѓе кои со години се занимаваат со политика - помалку или повеќе успешно, но сепак некако се занимаваат - а може да поддржи и карикатурални монархисти, лажни Грци, Руси и Власи, политички шегобијци или неколку инстант-листи кои не кријат претерано кому му се блиски.

И оваа кампања, со делумен исклучок на листата „Не го дав(и)(а)ме Белград“ откри хроничен недостиг на програми, за кои во Србија се вели дека и онака никој нема да ги чита.

Повеќе:

Автократија која се лизга кон диктатура

Србија: Избори без (добри) причини

Истражувањата на јавното мислење, за кои во новинарската чаршија се вели дека едни се прават за интерна потреба на партиите, а други за очите на јавноста, овојпат се разминуваат повеќе од вообичаено. Цензусот би требало да го минат пет, а најмногу осум листи. Не е исклучено некои да останат под или над прагот за мал број гласови, онолку колку што ги има во некој поголем новобелградски солитер.

Таа математика би можела да одлучи дали ткаењето на Вучиќевото севластие ќе ја добие првата дупка, како онаа од жар од цигара на тепих. Таквиот тепих може уште долго да и’ служи на целта, освен ако почне да се распарува.

DW.COM