1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Локални избори во Македонија

На локалните избори што се одржуваат денеска (24.03), учествуваат 8.878 кандидати за градоначалници и советници. Изборите, според Државната Изборна Комисија, ќе ги набљудуваат 410 странски и 8.379 домашни набљудувачи.

За локалните избори се поднесени 350 листи за градоначалници и 480 листи за советници. На советничките листи се кандидирале вкупно 8.528 лица. Најголем број кандидати за градоначалници има во Градот Скопје - девет, додека по двајца кандидати има во Кичево, Пласница и Центар Жупа. Најмногу кандидатски листи за советници има поднесено во Македонски Брод - 20 со 220 кандидати за советници, а најголем број кандидати за советници има во Градот Скопје - 405 каде има поднесено девет кандидатски листи за советници.

Изборите се спроведуваат во 80 општини и во Градот Скопје. Во Единствениот избирачки список се запишани 1.743.403 граѓани, кои ќе гласаат на 2.976 гласачки места. Општина со само три избирачки места е Вевчани каде треба да гласаат 2.055 граѓани, додека Куманово има најмногу запишани гласачи во избирачкиот список - 88.708 кои треба да гласаат на 128 места. Најголем број избирачки места има општина Битола - 152, а таму треба да гласаат 81.000 граѓани.

Гласањето трае од 7 до 19 часот, а првите неофицијални резултати се очекува да бидат познати два часа подоцна. Вчера, своето право на глас го искористија лицата кои се во казнено-поправните домови и тоа 1.446 избирачи, а надвор од местото на живеење 136 избирачи со статус на внатрешно раселени лица, лицата што се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор и немоќните и болните лица кои го побарале тоа од општинските изборни комисии.