1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Локалните во сенка на претседателските избори

Претседателските избори во Македонија се попримамливи за пошироката јавност. Партиите се фокусираат на претседателската кампања, со надеж дека преку неа ќе ги добијат и локалните избори, велат експертите.

default

Во Македонија паралелно течат кампањите за локалните и за претседателските избори. Ова е вторпат локалните избори да се одржуваат на ист ден со изборите за повисоките нивоа на власта. Претходниот пат тие се одржуваа истовремено со парламентарните избори. Мехмет Ибраими, политички аналитичар од Скопје вели дека е разбирливо фокусирањето на партиите на претседателската кампања, којашто е позвучна и попримамлива за пошироката јавност.

„ На тој начин партиите се надеваат дека ќе профитираат, односно преку претседателската кампања да ги добијат и локалните избори“, вели Ибраими.

Skopje,Ulica Makedonija

Граѓаните на Скопје ќе добијат нов градоначалник, но не очекуваат многу од него.

Како по правило, во македонскиот блок партии поатрактивни се битките за централната власт. Тоа е забележливо и по предизборните настапи на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ во општините низ Македонија. На нив најнапред говори лидерот на партијата, потоа кандидатот за претседател на државата и на крајот кандидатот за градоначалник на општината. Со ваквиот пристап, граѓаните немаат јасна слика за тоа што да очекуваат по изборите, критикуваат од радовите на Либерално-демократската партија. Тоа, според лидерот на ЛДП, Јован Манасиевски, се должи на отсуството на изборни платформи, што треба детално да се образложат и објаснат пред гласачите. Кандидатката на оваа партија за градоначалник на Скопје, Мирјана Најчевска, пак, истакнува дека луѓето почнуваат да се плашат. „Уплашениот граѓанин не излегува на избори или не гласа слободно“, вели Најчевска.

Локалните избори поважни за партиите на Албанците

Граѓаните на Скопје не се големи оптимисти дека новиот градоначалник ќе ги подобри условите во градот. Главни фаворити за функцијата се кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Коце Трајановски и политичкиот ветеран на СДСМ и НСДП, Тито Петковски. Нивните кампањи веќе се во полн замав. Трајановски настапува со предизборно ветување за мега-проектот за подземен тунел, што би го растеретил сообраќајот во градот.

Tetovo Zentrum, Mazedonien

Тетово - дали ДУИ ќе ја задржи доминацијата во општините со мнозинско албанско население

Тито Петковски, пак, истакнува дека е искусен политичар, кој може да менаџира со главниот град. И двајцата кандидати засега не се изјаснуваат за предлогот на актуелниот градоначалник, Трифун Костовски, Скопје да се централизира и од него да се издвојат т.н приградски или рурални средини.

Кандидатот за претседател на Македонија на Нова демократија, Имер Селмани, исто така очекува локалните избори да бидат засенети од претседателските, но истакнува дека тие се многу важни.

Партиите во албанскиот блок, за разлика од оние во македонскиот блок ,повеќе се концентрираат на локалните избори.

Селмани, на пример, ќе се обиде својот растечки личен рејтинг да го спротистави на фаворитската позиција на владејачката партија ДУИ, која четири години има свои членови на 75 насто од градоначалничките места во општините со мнозинско албанско население.