1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Ловот по даночните затајувачи продолжува

Со анализата на даночните ЦД-а Државното обвинителство за економски криминал во Бохум отркри затајувачи на данок во цела Германија. Се очекува државната каса да се пополни со нови милиони.

Купувањето на ЦД-а со податоци на лица кои одбегнале данок од страна на германските власти е политички спорно. Меѓутоа анализата на тие податоци очигледно се исплати, во прва линија поради зголемениот број лични пријави. Покрај тоа истражните органи продолжуваат со својата работа.

Сега се анализират податоци за германски вложувачи во швајцарската банка УБС. На ЦД-то се наоѓаат информации за лица кои се обиделе да избегнат плаќање на данок. Државниот обвинител Тимо Дерфер подвлекува: „Во новиот материјал со податоци се содржани податоци за 722 фондации. Освен тоа има и податоци од 550 физички лица, сопственици на приватни сметки во УБС АГ во Швајцарија“.

Осомничените веќе контактирале со властите

Поради правото за чување на даночните податоци и во рамките на постапката која сѐ уште е во тек имињата се табу. Лицата, кои најверојатно би биле погодени меѓутоа се смета дека веќе имале контакт со надлежните служби, бидејќи според зборовите на државниот обвинител Тимо Дерфер истрагата е во поодминат стадиум. „Во постапката за УБС од ноември 2012 се спроведуваат мерки за вршење претрес. И тоа на територија на цела Германија. Проценувам дека 70 до 80 проценти од мерките за претрес, кои беа неопходни, во меѓувреме се завршени“.

Во колку случаи погодените постигнаа спогодба со властите, со исплата на одредена сума пари да биде прекината постапката против нив, во моментов неможе да се процени. Но ако за споредба се земе сумата која беше собрана во постапката со податоците од Лихтенштајн, тогаш се чини дека и во овој случај не е исклучен двоцифрен милионски износ.

Обемна истрага

На брзи резултати меѓутоа неможе да се смета, бидејќи во многу случаи се работи за расветлување на фондови за акции, што бара многу време. ЦД-то, според државниот обвинител Дерфер иако содржи „име и износ, има само одреден конкретен датум. Значи врз основа на тоа знаеме колку изнесувал имотот на одредено лице на извесен датум. Но, даночната постапка се однесува на подолг временски период. И за него треба да се изврши истрага. Како се развивала сметката, и кои износи поминале во последните пет односно десет години.“

Државниот обвинител Норберт Саломон подлекува, дека оние кои избегнале плаќање на данок, не треба да се надеваат дека во текот на постапката времето работи во нивна корист и дека ќе стапи во сила застарување на случајот. Имено според Саломон доколку се спроведе постапка за прекин на можноста на застарување на случај, тогаш тој период се смета одново.

Во трка со времето

Во тешки случаи на затајување на данок во меѓувреме е воведен рок за застарување на случај од 10 години. И за многумина кои одбегнале да платат данок очигледно минува времето. Затоа многумина самите поднесоа пријави. Според податоците на министерот за финансии на Северна Рајна Вестфалија Валтер Борјанс во меѓувреме ширум Германија во државната каса се влеале преку три милијарди евра дополнителни приходи.

ЦД-то кое го анализираше Државното обвинителство за економски криминал од Бохум во меѓувреме се исплати и за другите германски покраини. Со зголемениот број на лични пријави, според проценките, не се отсликува волјата за поголема чесност при прикажувањето на данокот, туку во повеќето случаи се работи за последна надеж на лицата да не бидат казнети. За некои меѓутоа тој чекор е задоцнет, бидејќи според судските органи од 2008 година затаен данок од повеќе од еден милион евра по правило не се казнува само со условна казна, подвлекува државниот обвините Дерфер.

Иако не се наведени имиња, претседателот на фудбалскиот клуб Бајерн Минхен Ули Хенес, според истрагата, очигледно предоцна ја активираше сопирачката за неговите трансакции со пари во Швајцарија. Но, не само тој. Во Државното обвинителство во Бохум знаат дека не мора да се биде познат, за од државата да се прикријат милионски суми.