1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ли Ченгпенг – духовит добитник на наградата „The BOBs“

Годинашната награда на ДВ за најдобар блог „The BOBs“ му припадна на Кинезот Ли Ченгпенг. Тој на духовит, но и многу критички начин пишува за животот во Кина, корумпираните власти и недостатокот на права.

На почетокот на 2013 година за него не пишуваа само кинеските медиуми. За време на претставувањето на збирката есеи „Тоа го знае целиот свет“ кинеските власти му ја затворија устата и на авторот Ли Ченгпенг. На своите читатели и обожаватели не смееше да им се заблагодари, ниту да размени некој збор со нив. На кинескиот микроблог Сина Веибо тој само сувопарно напиша: „Тие сите се луди!“

На следното читање од споменатата збирка на есеи Ли Ченгпенг се појави во маица со натпис: „Сите ве сакам“, а преку лицето и устата врза црна лента. За време на потпишуањето на книгата не проговори ниту еден збор. И многу негови истомисленици и читатели седеа во публиката исто така со превез преку устата. Целиот настан беше снимен и објавен на ЈуТјуб. Оттогаш оваа акција стана симбол за борбата на младите Кинези за нивните права и слободи за изразување на мислењата.

На споменатиот микроблог Сина Веибо Ли Ченгпенг во меѓувреме веќе има повеќе од седум милиони следбеници. Во ноември 2012 година тој одржа говор на Универзитетот во Пекинг, во кој нагласи дека „Кина заборава да зборува веќе со децении“. Во говорот одржан пред студентите, кој исто така потоа се најде на интернет, тој нагласи дека нема никакви политички амбиции. „Единственото нешто кон што се стремам е да стекнам право на говор и пишување“, рече Ченгпенг. Неговиот стил на изразување е секогаш опуштен, дури и кога ја коментира цензурата и општата ситуација во Кина.

„Секогаш кога властите објавуваат дека нашата земја произведува најмногу книги и списанија, јас си мислам дека нашата земја всушност произведува најмногу тоалетна хартија“, изјави тој во една прилика.

Screenshot Li Chengpeng http://blog.sina.com.cn/lichengpeng

Блог-страницата на годинашниот добитник на наградата „The BOBs“

Нов облик на протести

Со своите четириесетина години Ли Ченгпенг не спаѓа во редот на најмладите блогери во Кина, но во секој случај неговата работа спаѓа во редот на една нова протестна култура. За разлика од порано, денес критичарите на режимот во Кина повеќе не ја истакнуваат севкупната лоша ситуација во Кина, туку целно пронаоѓаат проблеми и ги изнесуваат во јавност. Понекогаш станува звор за некој корумпиран градоначалник во провинција или, пак, за одговорни лица во градежништвото, чија лоша и неквалитетна градба може да предизвика смрт на илјадници лица. Пример за таква градба е случајот кога во мај 2008 година се случи земјотрес во провинцијата Сечуан, во кој поради лошата градба на зградите животот го загубија повеќе од 100.000 лица.

Оваа катастрофа ја доживеа и самиот Ли Ченгпенг. Гледал деца кои морале да умрат, бидејќи никој не можел да ги извлече од урнатините. Никој не можел да разбере како е можно, на едно подрачје на кое често се случуваат потреси, некој да гради куќи кои се уриваат како кули од карти при најмало тресење на тлото.

China Blogger Li Chengpeng

Ли Ченгпенг настапува во присуство на властите и полицијата

„Она што тогаш уште повеќе ме загрижуваше е прашањето - зошто жртвите од 11 септември 2001 година имаат имиња, додека нашите деца се безимени“, напиша четири години подоцна на својот блог.

Ли Ченгпенг со своите следбеници по земјотресот го посети ова подрачје. Тој ја проучуваше содржината на градежниот материјал од кој се направени училиштата. Од многубројните училишта само едно успеа да го издржи потресот. Таму секако дека сите преживеале – како учениците, така и наставниците. Се покажало дека таа била единствената зграда на ова подрачје изградена според правилата и законите за градба. Тој го изнесе овој случај во јавност, за тоа пишуваа кинеските медиуми, а тој самиот на оваа тема напиша есеј под наслов: „Вистина за чудотворното преживување на учениците и наставниците во основното училиште Лонгхан“.

Патриотизмот има различни страни

Но, Ли Ченгпенг не бил отсекогаш ваков противник на режимот. Во младите години, кога работел како спортски коментатор, како што самиот вели, бил патриот. Критика кон власта за него не постоела. Сметал дека од Запад доаѓа се’ најлошо, на пример демократијата, која според неговото тогашно мислење, била отров за општеството. Но, ваквиот слеп патриотизам исчезнал по случувањата во Сечуан, кога сфатил дека патриотизмот значи дека својата земја и населението мораат да се штитат, ако треба и по цена на сопствениот живот.

„Ако на крајот на својот живот напишам автобиографија, сигурно дека ќе почнам од 2008 година. Пред тоа бев идиот“, напиша Ли Ченгпенг на својот блог.

China Blogger Li Chengpeng

Духовит и критички настроен - тој е посебно омилен меѓу младите Кинези

Тој во 2010 година сакаше во родниот град Ченгду да се пријави на изборите за Народното собрание. Во Кина може секој да се кандидира, но шанси имаат само членовите на Комунистичката партија. Неговата кандидатура не наиде на воодушевување кај локалните власти, а тоа го почувствувале не само тој, туку и членовите на неговото семејство. Син му во тие денови ја загубил спортската стипендија и покрај големиот талент за тенис што го има. Како и што претпоставил, на изборите немаше никакви шанси.

Неговиот освежувачки стил, неговата храброст и воопшто начинот на кој укажува на ситуацијата во Кина ги увери членовите на жирито за доделување на наградите „The BOBs“. Ху Јонг, еден од членовите на комисијата, кој и самиот е блогер и новинар, посебно ги цени неговите протестни акции и духовитиот начин на пишување. Според неговото мислење, Ли Ченгпенг е посебно омилен кај младата публика поради својата интелигентна игра со зборови. Ли Ченгпенг ги освои и останатите членови на жирито и за својот блог http://blog.sina.com.cn/lichengpeng ја доби наградата на Дојче веле.