1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми

Лисицки против Бартоли во финалето на Вимблдон

Чудото од Вимблдон повторно е реалност: Сабине Лисицки, по 14 години, е првата Германка по Штефи Граф која се пласираше во финалето на тенискиот турнир во Лондон. Таму ја очекува Французинката Марион Бартоли.

Сабине Лисицки е финалистка на тенискиот турнир Вимблдон. 23-годишната Германка во полуфиналето успеа да ја совлада четвртопласираната на светската тениска ранг листа Агњешка Радванска од Полска со 6:4, 2:6 и 9:7 во сетови. Лисицки со тоа е првата Германка финалистка на Вимблдон по Штефи Граф, која последен пат играше во финалето на турнирот во 1999 година.

„Не можам да верувам дека се пласирав во финалето“, рече Лисицки по мечот. Пред натпреварот таа добила порака од Штефи Граф, која за време на натпреварот и‘ дала сила. „Натпреварот беше многу возбудлив, и двете се боревме. Тоа беше вистинска битка на теренот, но постојано верував во тоа, дека можам да победам, без оглед каква беше моменталната резултатска состојба“, рече Лисицки.

Бертоли лесно до финалето

Во борбата за титулата на традиционалниот тениски натпревар Германката Лисицки утре (06.07.2013, 14.00 часот по средноевропско време) ќе ги одмери силите со Марион Бартоли. Французинката во полуфиналето ја победи Кирстен Флипкес од Белгија во два сета (6:1 и 6:2).

„Денеска добро се чувствував“, рече Бартоли по натпреварот. „Денеска топчето за мене беше толку големо како фудбалска топка. Се' погодив.“ Бартоли имено во финалето ќе настапи без претходно загубен сет за време на турнирот во Лондон.

Сабине Лисицки утре за првпат ќе настапи во финалето на еден Грен Слем турнир. Во 2009 и во 2012 таа стигна до четвртфиналето на Вимблдон, во 2011 се натпреваруваше во полуфиналето. Во 1996 година, последен пат една Германка, Штефи Граф, победи на Вимблдон. Последната германска титула на еден од четирите големи тениски турнири во женска конкуренција е победата на Граф на Френч опен во 1999 година.

Против Бартоли Лисицки има позитивен биланс. Тие досега се сретнаа четири пати, а во три меча победа однесе Лисицки.