1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Панорама

Лисецот Џек полни 75 години

Никој не може да се „цери“ толку дрско и истовремено толку заводливо како Џек Николсон. Тој на многу филмови им даде посебен „шмек“. Денеска (22.04) полни 75 години.

Џек Николсон никогаш не беше „everybody's darling“. На едни им пречи неговата дива мимика и лудите јунаци што ги игра, а на други токму поради тоа им е омилен. Џек игра своеглави, несигурни типови со стремеж кон самопародија. Неговото легендарно „церење“ брзо му стана знак на распознавање. Денеска, американскиот актер полни 75 години.

75. Geburtstag Jack Nicholson

Џек Николсон сонувал за филмот уште како дете

Роден е како Џон Џозеф Николсон во 1937 година, во Њујорк. Израснал без татко. Дека неговата 17 години постара „сестра“ Џун му е всушност мајка, а неговата „мајка“ Етел му е баба, дознава случајно во 1974 година.

За филмот сонува уште како дете. Со 17 години оди за Холивуд, посетува часови по глума. Кариерата ја почнува кај Роџер Корман, кралот на Б-филмовите, со мали улоги во хорор-комедии како „Мала продавница на хорор“ (1960). Големиот пробив доаѓа во 1967 година со филмот „Голи в седло“. Питер Фонда, Денис Хупер и Николсон се на тура низ Америка во потрага по слобода, дрога и секс. Улогата на пијан адвокат во овој филм ја условува практично неговата натамошна кариера. Тој често игра неприлагодени типови, како ситниот криминалец Р.П. Марфи во „Летот над кукавичјото гнездо“ (1975) на Милош Форман. Филмот го погоди точно нервот на хипи-генерацијата и на Николсон му го донесе првиот Оскар.

75. Geburtstag Jack Nicholson

Легендарното „церење“ а ла Николсон

Во трилерот на Роман Полански „Чајна таун“ (1974) Николсон во улогата на приватен детектив доаѓа во судир со богатите и моќните, доживува низа порази и едноставно - се „цери“. Негова партнерка е Феј Данавеј. Николсон често покрај себе во филмовите има „кул русокоси“, како на пример Кетлин Тарнер во комедијата „Честа на Прициеви“ (1985). Како еден од најмногу ангажираните актери во Холивуд, Николсон брилјираше во многу жанрови - вестерн (Дуел на Мисури), воени филмови (Прашање на чест), филмови кои базираат на стрип фигури (Бетмен), или романтични филмови како „Време на нежност“, за кој го доби и вториот Оскар во 1983 година.

Неговиот талент за комедија, но и за трагедија, особено добро доаѓа до израз и во филмовите кои ги сними на постари години, како „Подобро не може“ во 1997-та, инаку негов трет Оскар-успех, или „Нешто мора и да се даде“ од 2003 година, каде игра суетен плејбој кој старее и кој против волја се наоѓа себеси вплеткан во љубовна приказна со жена кој му е врсник, значи за него „прастара“.

75. Geburtstag Jack Nicholson

Досега освои три Оскари, а 12 пати беше номиниран

Комичноста на Николсон уште повеќе добива на дејство преку неговиот имиџ на „херој“ за жените во вистинскиот живот. Тој живее сам, но со сите четири мајки на неговите пет деца, како што вели, негува пријателски односи.

Во едно интервју изјави дека се обидува да снима филмови „кои бараат голем ангажман“. Тука се вбројуваат и фиплмовите во кои е режисер, како продолжението на „Чајна таун“ - „Два Џека“. Три пати доби Оскар, дванаесет пати е номиниран за највисоката награда во филмската индустрија и се разбира - Џек Николсон има своја ѕвезда на Холивуд Булевар.