1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Лили Марлен и слепата Циганка“

Патеписите на Елизабет (Лили) Бутман-Конде со поднаслов „Средбите на една Германка во Македонија“ ја испреплетуваат животна сторија на авторката и нејзините импресии од патувањето до Битола и низ Македонија.

default

Патеписи за Македонија

По 26 години минати како учителка по француски, англиски и германски на Брегот на слоновата коска во Африка и 12 те– години во Берлинскиот кварт „Ној Келн“, од 2005 година Елизабет Бутман-Конде своето второ огниште го најде во битолскиот Баир. Во семејството на слепата Ромка Селма, инаку нејзина ученичка по германски, Лили минува неколку месеци во годината.

Елизабет (Лили) Бутман-Конде чиј немирен дух не е скротен ниту во седмата деценија, не крие дека е задоволна што дел од својот живот успеала да проткае во патеписите чија нишка-водилка е Селма, нејзината слепа ученичка по германски од битолскиот Баир. Зошто патеписите го имаат токму наслов „Лили Марлен и слепата Циганка“?

Во насловот сакав да спротивставам две клишеа: германското за Лили Марлен и Циганката - за Ромите.Освен тоа, терминот Циганка го искористив со дозволоа на Селма, која и самата вели дека е Циганка. И онака некои се чувствителни и не сакаат така да бидат именувани и велат дека се Роми, а на други, пак им е сосема сеедно“, вели Елизабет за која суштинска за патеписите, кои се само една од неколкуте нејзини книги, била нејзината поврзаност со Балканот. Благодарение на пријателството кое започнало детски преку писма со Марина од Нови Сад, Југославија станала нејзина голема љубов. На ова другарување долго повеќе од половина век, се должи и идентификацијата на Елизабет со името Лили Марлен. Така и се случило Елизабет, како пензионерка, да посака да живее на просторот од поранешна Југославија. Најпрво се обидела да најде свое катче во Хрватска, но таму било се‘ прескапо за нејзиниот џеб.

Фасцинација од минатото

„Во 2003-та година заминав за Македонија. Многу ми се допадна. Имав избор: Охрид или Битола. Охрид го има езерото, убав е! Но, во зима не се случува ништо, а во лето се случува премногу. Така се одлучив за Битола, каде од 2005-тата сум потстанар во домот на едно ромско семејство во Баирот“, вели Елизабет. Во книгата, која беше промовирана и во Берлин, Лили го раскажува патувањето од Берлин, преку Солун и Лерин

Lilli Buthmann-Conde

Второ огниште на битолскиот Баир. Лили Бутман-Конде

до Битола, со нејзината пријателка Уши (пензиониран анестезиолог која се движи на две штаки). Преку семејството на слепата Селма, која инаку завршила средно музичко училиште и свири клавир, се претавени обичаите, секојдневието и традицијата на Ромите. Во патеписот е испреплетена и приказната за Селма, која со помош на Лили учи германски со единствена цел: да може преку аудио книги да ужива во литературата преведена на германски, зашто македонски аудиокниги за жал нема. За возврат и Лили учи македонски. Таа се сеќава дека нејзин прв водич низ Битола бил професорот Емилијан Вилос, кој со неговите раскажувања и‘ ја пренел фасцинацијата за градот.

„Тука на овој простор, на растојание од 200 – 300 метри имало православни цркви, една католичка, две синагоги и неколку џамии... Тоа била Битола.... Заедница, во која луѓето имале различни вери и традиции, но и покрај тоа меѓусебно се почитувале и мирољубиво живееле едни со други. И архитектонски ова е убав град, со убави куќи, со чаршијата, безистенот, реката Драгор чие корито сега е изградено како холандски канал“, дополнува Елизабет.

Ромските обичаи не умираат

Добра половина од патеписите е посветена на Ромите, нивната традиција, сегашниот живот. Според Елизабет, ромските обичаи новото време не ги згаснува, туку помага да се одржат. Како аргумент духовито ја споменува благата ракија кај Ромите, која е врв на свадбената церемонија. Ова не е прескокнато ниту кај невестите кои се во странство. Доказот за чесноста и ден денес се чаршафите кои по првата брачна ноќ сега се покажуваат преку интернет: Скајп и Месинџер! Така без разлика дали невестата е во Германија или Швајцарија, нејзиното и семејството на зетот преку компјутер ја

Bitola Sirok Sokak, Mazedonien

Битола е единствена!

прославуваат целата церемонија.

Лили и нејзината пријателка Уши ги обиколија и Хераклеа Линкестис, Охрид, Свети Наум, Крушево, трагите на Евреите во градот под Пелистер.

„И Битола си има свои Шиндлерови. Тоа се родителите на Владимир Алтипармаков кои во 1943-та година сокриле и спасиле 4 еврејски деца во својот дом. Потоа ги пренеле децата кај партизаните и заради ова во 1990 се чествувани и нивните имиња се запишани во Јад Вашем. Ова се моите приказни, средбите на една Германка во Битола кои се посебни, зашто како Германка, имам и посебна позиција “, дополнува Елизабет Бутман-Конде во разговорот за Дојче веле, која во моментов на француски го преведува својот биографски роман за Африка. Во Битола, вели, ќе биде повторно - најдоцна пред Велигден!

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Ж.Ацеска