1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Ликвидација на терористи на далечинско

Целните убиства на осомничените за тероризам масовно се зголемија откако е на власт Барак Обама во САД. Германија е засега воздржана и избегнува да ја коментира оваа пракса.

Американско беспилотно летало незабележано се приближи пред да испали ракета кон една куќа во пакистанската провинција Северен Вазиристан. Уништени се две простории, а најмалку девет луѓе загинаа. Кои беа тие луѓе и зошто мораат да умрат? Тоа останува прашање, слично како и кај мнозинството целни убиства кои се извршуваат по налог на американската тајна служба ЦИА.

Нападот од 5. мај беше последен во долгата низа. Откако Барак Обама ја презеде функцијата претседател, масовно се зголеми бројот на напади со беспилотни летала во племенските региони на авганистанско-пакистанската граница. Од 2009. година во Пакистан се убиени 2.355 луѓе. Во текот на последните пет години од владеењето на Буш, на тој начин беа убиени не повеќе од 426 луѓе.

Кршење на меѓународното право

Лутината на пакистанската влада е се’ поочигледна.

„Нападите со беспилотни летала се нелегални. Тие го нарушуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Пакистан, а го кршат и меѓународното право“, вели портпарол на министерството за надворешни работи во Исламабад. Пакистанскиот парламент во април донесе едногласна одлука со која се бараше прекин на американските напади.

Pakistan Anschlag USA Drohnenangriff Flash-Galerie

Протести во Пакистан против американските беспилотни напади

Стратегијата на Обама претставува голем предизвик и за германската политика, смета Петер Рудолф, шеф на истражувачката група „Америка“ при Фондацијата наука и политика и коавтор на студија на таа тема. Тој вели оти не е исклучено дека САД користат информации од германската тајна служба за да им влезат во трага на терористите. Тој потсетува дека во нападите во Пакистан беа убиени и германски државјани.

Во октомври 2010. беше убиен 20 годишниот Бинјамин Е. од Вупертал, кој во Пакистан заминал кај својот брат со намера да се приклучи на камп за обука на исламисти. На почетокот на мај беше убиен уште еден германски државјанин, Самир Х. од Ахен со напад на беспилотно летало. Германската влада во обата случаи беше воздржана.

„Германската амбасада во Исламабад и Министерството за надворешни работи водат истрага“, гласеше одговорот на портпарол на тоа министерство. До денес нема официјална потврда за смртта на двајцата државјани.

„Очигледно станува збор за многу чувствителна тема, кога ќе биде убиен некој Германец, кој според Американците бил вмешан во терористички активности. Треба ли во таков случај да се поведе истрага против тајната служба на една пријателска земја“, прашува Рудолф.

Германска воздржаност

За експертите по меѓународно право клучно е прашањето дали беспилотните летала се користат во рамки на воени дејства, бидејќи нивната употреба е легална само во таков случај. Но, дури и во таков случај се поставува прашање под кои услови се користат леталата. На пример, дозволен е напад врз некој талибански командант кој се наоѓа на пакистанска територија, но само доколку во нападот жртва е само главната цел.

US-Präsident Barack Obama

Барак Обама

„Оправданието за упад на пакистанска територија лежи во тоа што таа земја не сака или не може да ја контролира својата територија до таа мерка што од неа не се закануваат прекугранични непријателски напади. Но, доколку во нападот загинат цивили, тогаш тоа е воено злосторство“, вели Ридигер Волфрум, директор на одделот за меѓународно право на Институтот Макс Планк.

Германската влада избегнува било каков коментар за нападите со беспилотните летала. „Категоризацијата, согласно меѓународното право, мора да се испита и таа мора да зависи од случај до случај“, вели портпарол на германското МНР. Берлин, истовремено, настојува да не ги поддржува тие напади.

„Во соработката на тајните служби одредени информации не смеат да се разменуваат доколку би довеле до смрт на германски државјани“, заклучува Петер Рудолф од Фондацијата наука и политика.