1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Лидерoт на Ал Шабаб ѝ се закани на Кенија со нови напади

Лидерот на исламистичката терористичка група најави нови напади на кениска територија, доколку Кенија не се повлече од Сомалија. Бројот на жртвите во нападите сѐ уште не е официјално потврден.

Лидерот на сомалиската исламистичка група Ал Шабаб, Ахмед Абди Годане, објави аудио порака во која ја презеде одговорноста за нападот во трговскиот центар во Најроби, нагласувајќи дека тоа е одмазда за кениското воено присуство во Сомалија.

„Вашите војници убија многу невини луѓе во јужна Сомалија“, изјави Годане во пораката, која беше емитувана на бунтовничкото радио Андалус во Сомалија.

„Сега е ред на вас да ги берете плодовите“, додаде тој, заканувајќи се со нови напади, доколку Кенија не ги повлече своите сили од Сомалија. Годане, исто така, рече дека нападот е „порака“ и за Западот да престане со својата поддршка на Кенија.

Според официјалните податоци на властите во Најроби, за време на четиридневната опсада на трговскиот центар „Вестгејт мол“ во Најроби од страна на исламистите на Ал Шабаб, загинаа вкупно 61 цивили и шестмина припадници на кениските сили за безбедност. При инцидентот беа повредени и над 175 лица, од кои 62 сѐ уште се во болница. Ал Шабаб, од своја страна, вчера соопшти дека во вторникот во операцијата на силите за безбедност со која заврши заложничката криза во трговскиот центар загинале вкупно 137 заложници.

Според податоци на Црвениот крст, вчера, еден ден откако кенискиот претседател Ухуру Кенијата прогласи крај на кризата, 71 лице сѐ уште се водат како исчезнати.