1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Лидерска средба воочи нова рунда разговори за името

По втор пат во својот мандат македонскиот претседател Ѓорге Иванов ги собира партиските лидери, овојпат воочи реобновените разговори за името во Њујорк со медијаторот Метју Нимиц. Што може да се очекува од нив?

default

Фотографија од последната средба на претседателот Иванов со медијаторот Нимиц

Ненадеен оптимизам кај државниот врв, вчудоневиденост во опозицискиот табор, резервираност кај експертската јавност околу реалноста на прогнозите и шансите годинава да се реши македонско-грчкиот спор. Дали разликите околу името се намалуваат и дали се возможни алтернативи? На пример, какви се изгледите преку позитивна одлука на Меѓународниот суд на правда во полза на Македонија и со двотретинско мнозинство во ОН на членки што ја признале земјата под уставно име да се елиминира референцата ПЈРМ?

Не треба да се очекуваат спектакуларни решенија од новата средба во Њујорк

Наспроти јавната изјава на Претседателот Иванов дека не е далеку денот за решавање на спорот со Грција, главниот уредник на неделникот Форум Атанас Кировски за Дојче Веле оценува дека македонската дипломатија е свесна оти мора да излезе од филмот на лошото момче во оваа приказна и да покаже некаква констурктивност.

UN Vermittler Matthew Nimetz

Метју Нимиц

„ Но јас не очекувам некакви спектакуларни решенија, дотолку повеќе што и тајмингот не му одговара на грчкиот премиер сега да се решава спорот за името “, вели Кировски според кого политичко-партискиот анимозитет меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и личната нетрпеливост помеѓу Груевски и Црвенковски се толку длабоки што е неверојатно да се постигне конзенсус околу можното решение за името. И според универзитетски професор Јован Кекеновски, средбата во Њујорк е неформална со цел да се слушнат евентуални најнови реакции или предлози. Тој не гледа шанси за некаква македонска резолуција во ОН со која Македонија, ако има двотретинска подршка, би побарала да биде регистрирана во Њујорк под уставното име, наместо сегашната референца, за која двете страни постигнаа согласност со Времената спогодба и тоа ги обврзува.

Шансите Советот за безбедност да пресече во полза на Македонија се мали

Имено, три земји, со релативно неповолен и нарушен меѓународен кредибилитет, Сирија, Зимбабве, Боливија, ја признаа Македонија со нејзиното уставно име. Професорот по меѓународно право посочува дека Македонија има право, преку нотификација да побара од Генералното собрание и Бан Ки Мун, резолуција за користење на уставното име, да се гласа за неа ако мисли дека има двотретинска подрчка на Ист Ривер, потоа да побара и мислење од Шестиот комитет за правни работи околу правото сама да го избере своето име, но во основа за се’ решава или ќе мора да пресече Советот за безбедност каде шансите за подршка се мали.

„Не се исцрпени и сите инструменти на преговорите, но и грчката дипломатија е се’ поагресивна и вели дека има доволно аргументи да ги убеди членките на ОН дека признавањето на уставното име е возможно само во билатералните контакти, а не и во меѓународните организации“, вели Кекеновски.

Migration Konferenz Den Haag 2010

Меѓународниот суд на правдата во Ден Хаг

Одлука на Меѓународниот суд за правда може да го проблематизира ставањето вето

Речиси ист став има и Атанас Кировски, добар познавач на македонско-грчките релации. Според него македонската дипломатија и држава, повеќе од 15 години, градеше стратегија дека со унилатерално признавање на уставното име од што поголем број на држави, спорот ќе стане беспредметен, но Грција секогаш знаеше дека кога Македонија ќе тропне на вратите на ЕУ и НАТО ќе може да го користи правто на вето. Тој оценува дека властите во Скопје неможе сега да играат на таа карта, особено додека Нимиц е посредник делегиран од ОН.

Во меѓувреме и шефот на македонската дипломатија, Антонио Милошоски изјави дека властите во Скопје нeмаат намера да иницираат Резолуција во ОН за признавање на уставното име.

Докторантот по меѓународни односи Јана Лозановска не исклучува дека пресудата на Хашкиот суд околу македонската тужба против Грција и доколку се докаже дека Атина ја прекршува времената спогодба со своите вета, може да предизвика позитивен притисок и врз официјалните лица во Брисел.

„Таква една одлука носи промени во примената на меѓународното право. На пример, НАТО, како организација, може да констатира дека некоја нејзина членка делува вон правилата на Алијансата“. Според неа, одлуката на Меѓународниот суд за правда може да го проблематизира ставањето вето од страна на Грција, но во крајна линија спорот сепак не е само правен, туку ќе мора да се решава и со политички инструменти, заклучува Лозановска.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Симе Недевски

DW.COM