1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Лидерот на Струмица ќе раководи и со СДСМ

За да направи вистински промени, Зоран Заев треба да расчисти со длабокиот програмски дефицит во СДСМ и да ја симне етикетата на „должник на Црвенковски“, сметаат дел од аналитичарите.

Зоран Заев е новиот лидер на СДСМ. Така одлучи мнозинството делегати на најголемата опозициска партија, кое вчера (02.06) со тајно гласање му даде мандат на актуелниот струмички градоначалник да раководи со СДСМ во наредниот период. Во првиот круг гласање Заев освои 395 гласови, а другите 216 гласови ги делат Зоран Јовановски и Кире Наумов. Стотина делегати воопшто не присуствуваа на конгресот.

Не победи ниту еден од кандидидатите за претседател, туку победи СДСМ, рече Заев по изборот на највисоката партиска функција.

„Од овде испраќам порака за силно единство и сполотеност и најавувам дека веднаш почнуваме со активности кои ќе исполнат надежите и интересите за подобра иднина на граѓаните на Македонија од сите етнички заедници. Гарантирам единство и фер-политика. Да и' дадеме надеж на нашата татковина", порача новиот лидер на СДСМ. Победата прва му ја честиташе Радмила Шеќеринска, која е дел од неговиот тим и како што најави Заев, ќе биде заменик - претседател на СДСМ, нова функција што ќе биде воведена по промената на партискиот статут.

Во партијата велат дека Заев-Шеќеринска е тандем кој одлично функционира и се надополнува. Во интерес на единството, но со оглед и на искуството, се очекува и довчерашните противкандидати на Заев да се најдат на значајни партиски функции. Зоран Јовановски по Конгресот не беше достапен за изјава, а Кире Наумов кратко искоментара: „Делегатите се во право, дури и кога грешат". Тоа е всушност алузија на изјавата на Црвенковски дадена по изборен пораз, („Граѓаните се во право, дури и кога грешат"), што може да се толкува како сомневање на Наумов во вистински промени и реформи во СДСМ.

Предности и хендикепи

Димитар Мирчев, универзитетски професор кој ги следи состојбите во европската и домашната левица, вели дека Заев уште на почетокот ќе се соочи со многу искушенија и наследства, пред се' - со безидејноста и длабокиот програмски дефицит што долго време владеат во неговата партија.

Branko Crvenkovski Radmila Sekerinska Zoran Zaev Wahlkampagne Parlamenstwahlen SDSM,

Бранко Црвенковски, Радмила Шеќеринска и Зоран Заев (од лево кон десно)

„Тој ќе се соочи и со тешкото бреме на практиката на 'лидерска и тесно-кадровска партија', која не кореспондира со модерните трендови во европската левица, ни со вистинските потреби на граѓаните. Заев има и некои објективни хендикепи: младост, неискуство во националната и меѓународна политика, беше отсутен во парламентарните 'кршења на копјата', а некои го сметаат и за 'провинцијалист'. Па сепак, со својата младост, енергија, со 'имиџ' на градоначалнички победник, а сега и со докажана поддршка од партиската база, ги има сите шанси да го преземе партиското водство, со повик за програмска, кадровска, идејна и демократска обнова, но и за лојалност кон институциите. На СДСМ му е потребен 'линк' кон чувствата и тешкотиите на граѓанинот, кон растот и развојот, линк кон модернизмот, прагматизмот и врските во европската левица. Дали Заев, ќе успее тоа да го постигне? Дали од Струмица ќе може да и' зададе алтернатива на Македонија?", реторички прашува Мирчев.

Извори во СДСМ потсетуваат дека организациските програмски и кадровски потези и успеси покажани на микро план, во Струмица, се голем индикатор за неговиот индивидуален капацитет и тоа во време кога партијата доживува само порази.

„Должник на Црвенковски“

Александар Даштевски, аналитичар и директор на институтот „Евробалкан", смета дека единствениот кандидат кој не бил под влијание на Црвенковски е Кире Наумов. Затоа се сомнева дека новиот лидер ќе направи дисконинуитет со претходната политика на партијата.

„Заев беспрекорно ја извршува функцијата градоначалник. За време на неговите два мандата Струмица стана еден од најмодерните градови во Македонија. Но, кога се работи за лидер на партија, неговите квалитети можат да се оспорат. Има дадено изјава пред Општински комитет дека ако се врати на власт 'ќе јаде живи луѓе'. За време на протестите на СДСМ, по настаните во Собранието, даде изјава дека 'ќе се пука'. Пред неколку години беше притворен и ако не добиеше аболиција од тогашниот председател на државата,

Kommunalwahlen in Mazedonien Zoran Zaev

Заев е во СДСМ 17 години

Црвенковски, можеби ќе беше осуден. Со аболицијата му стана должник на Црвенковски. Патем, не е јасно како ќе ја извршува функцијата претседател на партијата, кога е градоначалник на Струмица и со постојано живеалиште во таа општина. Уште во првите неколку месеци ќе биде јасно каква политика ќе води. Ако понуди решенија за излез од кризата, ако реагира навреме на секоја грешка на владејачката партија, ако направи добри кадровски решенија, можеби ќе дојде до подобар резултат. Она што треба веднаш да се направи, е напуштање на политиката за барање предвремени избори", вели Даштевски.

Тој потсетува дека Заев го чека многу работа, со оглед дека „ќе му дишат во вратот" уште две лево ориентирани партии кои ги формираат луѓе кои претходно биле во највисокото раководство на партијата, како што се ГРОМ на Стевчо Јакимовски и партијата што ја најавува Бучковски. Тие две партии веќе најавија дека ќе направат коалиција, а се во соработка со неколку мали партии.

17 години во СДСМ

Зоран Заев е роден 1974 година во Струмица, оженет е, и татко на две деца. Како дипломиран економист својата професионалната кариера ја започнал во 1997 година во струмички претпријатија. Од 2003 до 2005 година беше пратеник во Собранието, а од 2005 година до денес е градоначалник на Струмица во трет мандат. Член на СДСМ е од 1996 година. Во 2006 година е избран за потпретседател на СДСМ и таа функција ја извршуваше до 2008 година кога е избран за в.д. претседател на партијата. Опозицијата тогаш го нарекуваше Заев „чувар на фотелјата на Црвенковски" до неговото враќање во партијата, по завршувањето на функцијата шеф на државата. Сега од Заев очекуваат да докаже дека не е чувар и на политиката на Црвенковски.