1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Либија: Погрешна одлука на Германија

Советот за безбедност им одобри на земјите членки да ги преземат „сите неопходни мерки“ за да ги сопрат нападите на Гадафи врз востаниците. Тоа што Германија не е дел од таквата одлука е жално, смета Кристина Бергман.

default

Обединетите нации, често нарекувани и дебатен клуб без вистинска моќ, во случајот со Либија реагираа побрзо од кога било претходно. Советот за безбедност ја исполни својата задача. „Либискиот народ сега знае дека не е сам“, рече заменикот либиски амбасадор во ОН, Ибрахим Дабаши, по гласањето во Њујорк.

Сепак, сенка врз одлуката фрла тоа што не беше едногласно донесена. Пет од петнаесетте членки на Советот за безбедност гласаа воздржано. Додека никој не е изненаден што Русија и Кина се едни од нив, жален е фактот што сега и Германија е дел од тој круг.

Christina Bergmann

Кристина Бергман, новинарка во студиото на ДВ во Вашингтон

Од почетокот на годината Германија е една од непостојаните земји-членки на Советот. Отсекогаш постоеше сомнеж дали земјата и` е дорасната на таа задача. Не во поглед на финансиите или персоналот - Германија редовно си ги плаќа придонесите во светската организација, а има и врвни дипломати, кои одлично се снаоѓаат во ОН. Прашањето беше, што ако треба да се одлучи за воен ангажман? Дали Германија е подготвена да ги испрати своите војници во борба за мирот, слободата и човековите права? Сега го дознавме одговорот, а тој гласи: не е.

Објаснувањата што по гласањето ги даде германскиот амбасадор во ОН, Петер Витиг, се целосно оправдани. Постои опасноста мерките што ги воведе Советот за безбедност да не вродат со резултати, конкфликтот може да се прошири, многу луѓе можат да загинат. Меѓутоа, тоа не значи дека воздржувањето е вистинската алтернатива. Без одлучувачка акција од страна на меѓународната заедница, во наредните часови и денови секако ќе загинат голем број невини цивили, пред налетот на трупите на Гадафи.

Меѓутоа, германските војници - како што сосема јасно нагласи германскиот министер за надворешни работи, Гидо Вестервеле - нема да учествуваат во меѓународната акција за помош на либискиот народ. Значи, Германија се држи настрана од интернационалните напори, кои пред се`, се сведуваат на едно: солидарност.

Автор: Кристина Бергман

Превод: Трајче Тосев

Редактор: Симе Недевски