1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Либија ги ослободи четворицата американски војници

Два часа по апсењето од страна на либиската војска, американските војници се ослободени. Се чини дека дипломатската криза е избегната, иако остануваат отворени прашања.

Четворица американски војници, кои истражувале можни канали за евакуација, биле уапсени, а подоцна ослободени од властите во Либија.

Американците биле задржани на контролниот премин во регонот на градот Сабрата, соопшти Стејт департментот на САД. Никој од четворицата приведени не е повреден. По нивното ослободување тие се пренесени во американската амбасада во Либија, соопшти службеник на Пентагон.

Според него, војниците работеле за потребите на маринците, одговорни за заштита на амбасадата и веројатно биле дел од специјалните сили на САД, распоредени во Либија. Според претставникот на Пентагон, најверојатно дошло до расправија меѓу Американците и Либијците на контролниот пункт. Американските војници биле пренесени во либиското Министерство за внатрешни работи каде минале неколку часа.

Американското министерство за надворешни работи поради случајот стапило во контакт со владата во Триполи, соопшти портпаролот Џенифер Псаки. Но, таа не кажа детали за околностите на апсењето и брзото ослободување. Не е познат ниту идентитетот на четворицата војници.

Во септември 2012 година во вооружениот напад врз американскиот конзулат во Бенгази беа убиени американскиот амбасадор Крис Стивенс и тројца американски државјани. Односите меѓу САД и Либија по овој инцидент се затегнати. Либија реагираше остро на киднапирањето на осомничениот член на Ал Каеда Абу Анас ал-Либи од страна на американска единица командоси во октомври 2013 година. Терористот е осомничен за учество во повеќе терористички напади и во мешувреме е во затвор во САД. Од соборувањето на властодржецот Моамер ал-Гадафи во 2011 година во Либија расте влијанието на исламистичките групи, како Ансар ал-Шарија, која има врски со Ал Каеда и веројатно учествувала во нападот врз американскиот конзулат во Бенгази.