1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Либија: Германија има добри причини за воздржаност

По долго натегање, Советот за безбедност на ОН конечно донесе одлука за воведување зона на забранети летови над Либија. Силен сигнал за востаниците, меѓутоа неговите последици се непредвидливи - смета Даниел Шешкевиц.

default

Буквално во последната минута Советот за безбедност на ОН се согласи околу воведувањето зона на забранети летови над Либија, со цел да го заштити цивилното население и востаниците на истокот од царството на Гадафи од воздушните напади на неговите сили. Борбените авиони на либискиот деспот стоеја подготвени за акција, но по гласањето во Њујорк ќе мора да се вратат во гаражите.

Германија се воздржа од гласање, исто како и Кина и Русија. Од добри причини, бидејќи има големи дилеми околу можната воена интервенција во Либија.

Daniel Scheschkewitz

Даниел Шешкевиц, новинар на Дојче Веле

Зоната на забранети летови е поврзана со надежта дека Гадафи ќе се откаже од нападите врз сопствениот народ и ќе преговара за примирје. Меѓутоа, таквата надеж може да се покаже како неоснована, бидејќи по резолуцијата во ОН, порано или подоцна мора да следи и воена интервенција. Во спротивно, заканата ќе изгуби на тежина. Франција, Велика Британија и САД се чинат подготвени за напад врз Либија, додека други членки на НАТО ќе понудат логистичка поддршка. Меѓутоа, динамиката на воената интервенција, дури и да биде воздушна, отвора друго прашање: која од земјите, кои сега се залагаат за напад, е подготвена на долгорочен воен ангажман во Северна Африка? Франција брзо се повлече од одлуката за забранети летови во северот на Ирак во деведесеттите години, која беше воведена за заштита на Курдите. Во САД дури и кај воените старешини не се чувствува голем ентузијазам за вовлекување во нова војна, по поуките што ги извлекоа од тешките мисии во Ирак и Авганистан и комплицираното повлекување од Хиндукуш, што се` уште не е докрај спроведено.

Надежта дека воената интервенција во некоја земја ќе се сведе само на неколку хируршки зафати од воздух, речиси секогаш одново се покажува како фатална заблуда. Секој воен ангажман, колку и да е морално поткрепен, испраќа во смрт голем број невини лица.

Што ако трупите на Гадафи ги нападнат востаниците од копно? Воената каса на самопрогласениот водач на револуцијата и натаму е преполна, и покрај сите санкции против неговиот режим. Меѓутоа, мандатот на ОН исклучува копнен напад за заштита на востаниците.

Од друга страна, колку е сериозна поддршката од останатите арапски земји? Досега само Соединетите Арапски Емирати и Катар се покажаа како евентуално подготвени за интервенција. Доколку потоа дојде до поделба на Либија, тогаш во истокот на државата ќе мора да се создаде протекторат за востаниците - енклава на слободата, чиј опстанок ќе зависи само од поддршката од Западот.

Последиците од гласањето во Советот за безбедност можат да се покажат како многу покомплицирани и потешки, отколку што тоа можат да го согледаат земјите, кои се залагаат за воен ангажман во Либија.

Автор: Даниел Шешкевиц

Превод: Трајче Тосев

Редактор: Симе Недевски