1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Либија во хаос, Гадафи го нема

Последните вооружени трупи, верни на режимот на Гадафи, се` уште водат тешки борби со бунтовниците во Либија. Од диктаторот и натаму нема никаква трага. Во потрагата по него се вклучува и НАТО.

default

Либиските бунтовници денеска (25.08) продолжија со гонењето на трупите, верни на Гадафи, во главниот град Триполи, јавува телевизијата Ал Џазира. Со оглед на големиот број повредени во борбите, во болниците недостасуваат лекови. Лекарите говорат за делумно хаотична состојба. Бунтовниците соопштија дека ослободиле околу дваесет илјади политички затвореници. Двете спротивставени страни водат тешки битки во јужниот дел од главниот град, каде се верува дека се крие и самиот диктатор, додава телевизијата. Преодниот совет вети награда од приближно еден милион евра за оној кој ќе го ликвидира диктаторот, или ќе им го предаде на бунтовниците. Во потрагата по Гадафи учество зема и НАТО. Алијансата им помага на либиските востаници со разузнавачки податоци во потерата по либискиот диктатор и неговите синови, потврди денеска британскиот министер за одбрана Лиам Фокс. Тој одби да ги коментира медиумските информации, според кои британските специјални сили се наоѓаат на терен во Либија, каде помагаат во приведувањето на Гадафи. Тешки престрелки меѓу бунтовниците и силите на Гадафи има и во градот Завара. 

Ослободени странските новинари во Триполи

Libyen Journalisten Entführung

Не се знае каде се италијанските новинари

Во меѓувреме, странските новинари кои со денови беа држени во хотелот „Риксос“, се ослободени. Режимот на Гадафи нареди сите странски новинари и дипломати да бидат сместени во истиот хотел, за да може да го контролира нивното движење. Луѓето на Гадафи вчера ненадејно исчезнале, а преостанатите двајца војници биле лесно совладани. Денеска, при рација во една куќа во Триполи, се ослободени четворицата италијански новинари, кои беа нападнати и киднапирани вчера од страна на приврзаниците на Гадафи. Кој ја извршил рацијата не е познато, пишува италијанскиот весник „Кориере дела Сера“.

Либиските востаници, пак, меѓу другото, заробиле петмина Срби, соопшти Ахмед Мехди, еден од водачите на бунтовниците. Тој додаде дека при апсењето Србите рекле дека се градежни работници, но се проверува дали тие не биле снајперисти ангажирани од Гадафи. Мехди додаде дека бунтовниците проверуваат дали тие навистина се вработени како градежни работници.

Бунтовниците бараат исплаќање на замрзнатите средства на Гадафи

По заземањето на главниот град Триполи, либиските бунтовници побараа од меѓународната заедница да им одобри пет милијарди долари хуманитарна помош. Средствата можат да бидат обезбедени од замрзнатите банкарски сметки на либискиот режим ширум светот, истакна претставник на Националниот преоден совет на средбата на таканаречената контакт-група за Либија во Катар. На конференцијата учествуваат и претставници на Германија, САД, Франција, Велика Британија, Италија и Турција.

Автор: ТТ/АТ/дв, дпа, миа, макфакс

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

DW.COM