1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Либија: Акцијата на американските специјалци е киднапирање

Либиското раководство остро ја критикуваше акцијата на американските специјалци во Триполи, во која е уапсен еден од најбараните осомничени терористи во светот Абу Анас ал Либи. Тоа е киднапирање, се вели во Триполи.

Преодната либиска влада ќе бара разјаснување од американските власти за „киднапирањето“ на либискиот граѓанин, реагира официјален Триполи, а пренесува агенцијата Лана. Во соопштението на либиските власти се изразува и надеж дека актуелните настани нема да влијаат врз стратешкото партнерство на Либија и САД.

Во Триполи беше уапсен еден од најбараните осомничени терористи во светот. Се вели дека Абу Анас ал Либи и‘ припаѓа на Ал Каеда и е наводно одговорен за нападите врз американските амбасади во Кенија и Танзанија во 1998-ма. „Три автомобили го запреле неговото возило, го скршиле стаклото и го принудиле да излезе“, изјави неговиот брат за американската агенција Асошиетед прес. Најверојатно станува збор за специјални единици составени од американски војници и припадници на ФБИ и ЦИА.

САД го бараат Ал Либи со години. Американците распишаа потерница од пет милиони долари по 49-годишникот, кој, како што се тврди, е член на Ал Каеда. Ал Либи се товари за нападите врз американските амбасади во Кенија и Танзанија. Во август 1998 година во бомбашки напади врз амбасадите загинаа повеќе стотици луѓе. САД за нападите ја обвинија Ал Каеда. Анас ал Либи, како што се вели, работел како компјутерски специјалист за терористичката организација. Тој долги години живеел во Иран, а потоа се сокрил во Либија. Владата на Либија била информирана за акцијата на американските сили. Американското министерство за одбрана потврди „дека Либи е уапсен и однесен на сигурно место надвор од Либија“.

Истиот ден елитната американска единица Нејви Силс имаше акција во Сомалија против терористичката група Ал Шабаб. Акцијата е потврдена од портпарол на американското министерство за одбрана, но други детали не се наведуваат.

Според американските медиуми, тимот на Нејви Силс нападнал вила на Индискиот океан. Американците претпоставувале дека таму се наоѓа заменик водач на Ал Шабаб, која инаку е одговорна за масакрот во трговскиот центар во Најроби. Во нападот на Нејви Силс имало претсрелка која траела околу еден час. Притоа водачот на Ал Шабаб загинал.

Двете акции на американските сили се одвивале во ист ден сосема случајно. Акцијата во Сомалија била испланирана краткорочно, се вели во владини кругови во Вашингтон. Безбедносните експерти во САД забележуваат дека е невообичаено за вакви акции да се даваат толку многу детали. Тие претпоставуваат дека американскиот претседател Барак Обама со тоа сака да докаже дека САД и натаму со сета жестина ги прогонуваат припадниците на Ал Каеда и на Ал Шабаб. Освен тоа, се сака да се докаже и дека американските специјални единици, и покрај блокадата на дел од владата, се се‘ уште во акција.