1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Либералите против комунистите во Молдавија

Eдна жена загина, педесетина лица се повредени, а околу 190 се уапсени во демонстрациите во Молдавија по парламентарните избори, одржани во неделата, на кои победи Комунистичката партија.

default

Не помогна ниту солзавецот што го употреби полицијата

Претставницни на опозицијата тврдат дека изборите биле наместени и бараат распишување на нови во рок од три месеци, како и оставка од комунистичкиот претседател Владимир Вороњин.

Протестите на демонстрантите ескалираа синоќа, кога тие го нападнаа и демолираа кабинетот на претседателот и го запалија парламентот во главниот град Кишењев. Полицијата претпладнево објави дека повторно ја презела контролата врз двете згради.

Според полициски информации, во протестите учествувале десетици илјади лица, кои и покрај напорите на полицијата да ги спречи, сепак успеале да влезат во зградата на парламентот и на претседателот. Откако ги демолирале, тие извадиле дел од мебелот на улица и го запалиле. Разбеснетите демонстранти фрлале компјутери и лични предмети на пратениците од прозорците на парламентот.

Протестите ќе продолжат

Blutige Unruhen nach Moldawien Wahl

Демонстрантите го истакнаа европското знаме на парламентот

Иако вчера властите во Молдавија се договорија со лидерите на опозициските партии за ново пребројување на гласовите од парламентарните избори одржани во неделата, тоа не се случи. Како што изјави Влад Филат, лидер на Либерално-демократската партија, Државната изборна комисија го одбила овој предлог и го прекршила договорот што бил постигнат со претседателот на земјата, Вороњин.

Во меѓувреме, претставници на опозициските либерални партии во земјата најавија дека планираат да ги продолжат протестите во поширок обем, носејќи со автобуси уште демонстранти од внатрешноста. Тие истакнуваат дека протестите ќе продолжат се` додека не бидат свикани нови избори и не се изврши ревизија на резултатите од неделните избори.

Вороњин: Демонстрантите сакаат да ја дестабилизираат Молдавија

Moldawiens Präsident Vladimir Voronin

Единствениот комунистички претседател во Европа тврди дека демонстрантите сакаат да ја дестабилизираат Молдавија

Претседателот Владимир Вороњин го повика Западот да помогне во повторното воспоставување ред во земјата и ги обвини опозицијата и нејзините приврзаници дека се обидуваат да ја дестабилизираат државата, која инаку важи за една од најсиромашните во Европа.

Како што пренесува агенцијата Ројтерс, властите во Молдавија ги затвориле границите на земјата. Повеќе странски новинари јавуваат дека не им е дозволено да ја преминат границата со Украина. Лидерот на Либерално-демократската партија, Влад Филат, истакна дека очекува и „сериозни репресии“ по протестите. „Не исклучувам ниту апсења на политички лидери и учесници во протестите“, додаде тој.

Инаку на изборите во неделата, владејачката Комунистичка партија освои доволен број гласови за да го задржи мнозинството во парламентот и да формира влада, но според сегашните информации, нема доволен број пратеници за да избере нов шеф на државата. Молдавскиот парламент мора до осми јуни да избере наследник на Владимир Вороњин, единствениот комунистички претседател во Европа, кој, според Уставот на државата, не смее да се кандидира по третпат.

Автор: ТТ/ЗЈ/дв/ројтерс/ап/миа/

Редактор: Жана Ацеска